1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Путин: “Ова е објава на војна на Русија; погодени сме од напад на меѓународниот тероризам”

Путин ги посети ранетите во болницата во Беслан

Путин ги посети ранетите во болницата во Беслан

Размерите на крвавата драма во Беслан се далеку поголеми отколку што се страхуваше. Бројот на загинатите, според неофицијални информации, веќе е околу 400. Рускиот претседател Владимир Путин синоќа во говор пренесуван преку телевизијата зборуваше за “страшна” трагедија за Русија. Видливо погоден, претседателот во 10-минутниот говор меѓу другото рече: “Ова што сега се случи, бруталното, нечовечко, беспримерно злосторства на терористите, не е само објава на војна на претседателот, на парламентот или на владата, туку е објава на војна на цела Русија, на целиот наш народ. Ние сме погодени со директен напад од меѓународниот тероризам”.

Исказите од заложниците јасно покажуваат колку бескрупулозно и ладнокрвно постапувале терористите и во какви страшни услови заложниците поминаа два дена во фискултурната сала на училиштето: густо набиени еден до друг, без вода и храна, без можност да одат во тоалет. Заменикот Државен јавен обвинител Сергеј Фридински направи обиколката на училиштето, при што забележа: “Во оваа соба беа доведени заложниците кои беа убиени уште пред почетокот на петочната трагедија. Во првите два дена луѓето биле натерани да стојат до ѕидот – како што покажуваат и трагите - и поради и најмало непочитување на терористите биле стрелани. Жртвите беа фрлани од прозорец на улица. Во првите два дена на овој начин беа убиени 20 луѓе”.

Претседателот Путин вчера уште в зори го посети Беслан, беше в болница кај повредените, разговараше со раководството на штабот на акцијата. Во синоќешниот говор тој се задржа и на впечатоците од доживеаното: “Ноќеска во Беслан повторно видов како луѓето, скршени од бол и страдање, уште посилно се грижеа еден за друг и меѓусебно си помагаа. Тие ги ризикуваа своите животи во интерес на животот и мирот на ближниот, под најтешки околности останаа хумани”.

Најголемиот дел од жртвите, според руското министерство за внатрешни работи, настрадал од експлозиите и урнатините од покривот на фискултурната сала, значи уште пред специјалците да извршат напад на училиштето. Уште еднаш е нагласено дека интервенција не била планирана, туку таа уследила како реакција на ескалацијата на насилството – жени и деца ги искористиле експлозиите во салата за да побегнат. Кога грабнувачите пукале врз нив, специјалните сили се решиле за напад.