1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Путин нема сериозен ривал

Рускиот премиер Владимир Путин на денешните претседателски избори има четири противници. Меѓу нив сепак нема реформатори, како политичарот Григориј Јавлински. Дали победата на Путин е сигурна?

Листата на кандидати беше утврдена речиси пет недели пред претседателските избори во Русија. Сепак, ниту еден од нив се чини дека не претставува сериозна опасност за Владимир Путин. По четири години на премиерската функција Путин како кандидат на владејачката партија „Единствена Русија“ сега повторно сака да стане претседател.

Russland Wahlen Präsidentschaftkandidat Gennadi Sjuganow

Генадиј Зјуганов, шеф на Комунистичката партија и претседателски кандидат

Негови предизвикувачи се добро познати политичари, кои досега повеќепати залудно се кандидираа за претседател. Со нивните партии тие се со години застапени во парламентот: Владимир Жириновски, шеф на десно-популистичката „Либерал-демократска партија“; Сергеј Миронов од пaртијата „Праведна Русија“, која досега се сметаше за блиска до Кремљ; Генадиј Зјуганов, шеф на „Комунистичката партија“. Единствениот новак меѓу претседателските кандидати е бизнисменот Михаил Прохоров - набљудувачите меѓутоа се сомневаат во неговата независност од Кремљ.

Прохоров се надева на гласовите од средната класа

Другите кандидати не учествуваа во завршната предизборна кампања и на изборите, бидејќи според податоците на Централната изборна комисија не го добиле потребниот број потписи за кандидатура. Меѓу нив се вбројува и основачот на реформски-ориентираната партија „Јаблоко“ Григориј Јавлински. Една четвртина од потписите кои ги доставил, не ги исполнувале условите, се вели во Москва.

Russland Präsidentschaftswahlen Milliardär Michail Prochorow in Moskau

Милијардерот Михаил Прохорoв - кандидат за претседател на Русија

По исклучувањето на Јавлински, милијардерот Прохоров може да се надева, дека либералните избирачи би можеле да гласаат за него. Веќе извесен период тој се обидува, да се претстави како кандидат на незадоволните групи избирачи. Третиот по богатство човек во Русија настапува како застапник на онаа средна класа, која од почетокот на декември демонстрира за слободни избори и повеќе демократија во Русија. „Вашите тези ги спроведов во мојата изборна програма“, пишува Прохоров во својот блог.

Политички мотивирана одлука

Изборниот штаб на Јавлинси одлуката на Изборната комисија ја оцени како „политички мотивирана“. Многумина набљудувачи на состојбите во Русија ја споделуваат оваа оценка.

„Откако беше одбиена кандидатурата на Григориј Јавлински, нема никој за кој можам да гласам“, изјави претседателката на московската Хелсиншка група, Људмила Алексејева за ДВ.

Russland Wahlen Präsidentschaftkandidat Grigori Jawlinski

Григориј Јавлински не доби дозвола за претседателски кандидат

Според оваа активистка за човекови права мнозинството од демократски настроените избирачи на денешните избори ќе гласаа за Јавлински. Дека одлуката на Изборната комисија е политички мотивирана, во тоа нема никакво сомневање, смета Алексејева. На исто мислење е и Саша Там од московската канцеларија на фондацијата „Фридрих Нојман“. „Тоа е чисто политичка одлука“, вели Там.

Набљудувачите укажуваат на краткиот временски рок, кој кандидатите го имаа за нивната кампања за собирање потписи за да можат да учествуваат на претседателските избори. Андреј Бусин од независната руска невладина организација „Голос“ укажува дека всушност за сите кандидати би морало да биде невозможно, на чесен начин да соберат два милиона потписи во рок од еден месец и тоа за време на новогодишните и божиќни празници. „Како кандидатите кои добија дозвола за учество на изборите собраа доволно потписи, за мене е загатка. Ако воопшто, тогаш мора да постои сомневање кај сите кандидати“, вели експерт на невладината организација.

Ќе има ли втор круг избори?

Со отфрлањето на кандидатурата на Јавлински, набљудувачите во Москва очекуваат победа на Путин уште во првот круг на претседателските избори. Доколку сепак има потреба од втор круг, тогаш најверојатно противкандидат на Путин ќе биде Зјуганов. Според анкетите Путин има поддршка меѓу 37 и 45 проценти од избирачкото тело. Другите кандидати воопшто не му се конкуренција, смета Лев Гудков, директор на независниот „Институт за истражување на јавното мислење - Левада“. Разликата меѓу Путин и неговиот најсериозен конкурент Зјуганов изнесува повеќе од 20 проценти.

Автор: Јегор Виноградов/ Маркијан Остапчук/ Александра Трајковска

Редактор: Александар Методијев