1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Путин како инспирација за руската сатира

„Кралот е гол !“ Никогаш досега Владимир Путин не бил мета на пародии како во изминатите месеци. Вицот и пародијата беа заштитен знак на оваа изборна кампања, пред се‘ на интернет.

Луѓето во Русија повторно се интересираат за политика. Мирните протести против изборен фалсификат, кои се одржуваа по парламентарните избори, станаа катализатор за новите форми на политичко дејствување - вицот и сатирата.

Во рускиот град Барнаул, на пример, луѓето на креативен начин одговараат на забраната за демонстрации - тие едноставно на улица поставуваат играчки и кукли излепени со пароли. Полицијата мора од улиците да отстранува играчки наместо луѓе. „Позитивно притоа е што хуморот го зазема местото на огорченоста“, вели за ДВ познатиот руски сатиричар Виктор Шендерович.

Карикатури и видео спотови против Путин

На интернет се шират пред се‘ хумористични видеа со политичка содржина. Еден од таквите спотови се вика „Судски процес против господин Путин“ и на него Путин е прикажан на местото на затвроениот екс-нафтен менаџер Михаил Ходорковски во кафез пред суд (види фото). На друго видео има збирка ветувања на Путин што тој му ги дал на народот во последните 12 години како претседател и премиер, но кои не ги остварил. Ваквите клипови имаат милиони кликови.

Nanoprotest - Spielzeugdemonstration in Russland

Нанопротест - демонстрирање со помош на играчки

Омилени се и карикатурите. На нив Владимир Путин е прикажан како Наполеон, или како некој од многуте руски национални херои кои Кремљ со задоволство ги користи во пропагандни цели. Листата на вакви карикатури е огромна.

Бранот на креативност ги зафати и уметничките кругови. Така на пример, актерите на независниот московски „teatr.doc“ ја изведуваат „горчливо злобната“ претстава „БерлусПутин“. Притоа на руски јазик е адаптирано делото на италијанскиот драматург и носител на Нобеловата награда, Дарио Фо. Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони оди во посета на Путин и се жали на неговата смена. Одеднаш се случува терористички напад, при што Путин е тешко ранет во глава. За да го спасат неговиот живот хирурзите му ја всадуваат десната мозочна половина од Берлускони. Резултатот е „БерлусПутин“. Тој веќе не може да се сети на ништо и не го сфаќа веќе животот во денешна Русија.

Размена на удари со хумор

Креативни станаа дури и државните медиуми. Руската новинска агенција „РИА Новости“ пред изборите објави стрипови со биографиите на претседателските кандидати.

Приврзаниците на рускиот премиер не сакаа да ги гледаат сатирите на сметка на Путин без да преземат нешто. И тие за своите идеи го користат пред се‘ интернетот. Во голем број видео спотови се шири главно пораката дека без Путин животот во Русија ќе се распадне.

Aktivisten für politische Freiheit in Russland

Активисти делат бели ленти пред демонстрациите во декември 2011

И на демонстрациите приврзаниците и противниците на Путин имаат жестока размена на удари. Тие се често полни со хумор, вели сатиричарот Виктор Шендерович. „Знаеме дека сакаш и трет пат, но нас не‘ боли глава“, стои на плакат на противниците на Путин. Реакцијата на неговите приврзаници гласи: „Три пати е нормално за вистински маж.“

Набљудувачите во Русија сметаат дека сатирата ја испровоцирал самиот Путин. Тој во емисија на руската телевизија ги спореди учесниците на првите протести од почетокот на декември 2011, кои носеа бели ленти, со мајмунот во „Книгата за џунглата“. „Дојдете кај мене ‘белоленташи’!“, повика Путин асоцирајќи на змијата Каа која го хипнозитира мајмунот. Шендерович оценува дека Путин не сакал намерно да биде сатиричен, туку едноставно „излегол од кожа“. Според сатиричарот, креативноста на протестите нема да згасне ниту по изборите. „Пастата за заби веќе не се враќа во тубата“, вели Шендеровиќ. Но, вицот и креативноста не се замена за политичка консолидација, а тоа во Русија е проблем.

Автор: Михаил Бушуев/ Маркијан Остапчук/ Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска