1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Путин им се обрати на Американците

Во Женева денеска (12.09) нови американско-руски разговори за предлогот за уништување на хемиското оружје на Сирија. Рускиот претседател Путин ги повтори предупредувањата за последиците од можен американски напад.

Во конфликтот околу сириското хемиско оружје, рускиот претседател Владимир Путин им се обрати директно на граѓаните на САД. Тој се заложи за итно уништување на хемиското оружје на Сирија и предупреди од последиците на евентуална воена интервенција на САД во оваа земја: „Евентуалниот напад во Сирија би можел да го зголеми насилството и да предизвика нов терористички бран. Покрај тоа, би можеле да бидат дестабилизирани целиот Блиски Исток и Северна Африка“, предупредува Путин во авторски текст објавена на интернет страницата на американскиот весник „Њујорк Тајмс“. Осврнувајќи се на неговиот предлог сириското хемиско оружје да биде уништено под меѓународен надзор, рускиот претседател истакна: „Сите членки на меѓународната заедница мора да ја искористат шансата дека сириската влада изрази подготвеност за меѓународна контрола и конечно за уништување на нејзиното хемиско оружје.

Путин ги обвинува бунтовниците

Владимир Путин во неговиот текст објавен во „Њујорк Тајмс“ потврдува дека во Сирија бил употребен отровен гас, што е главниот американски аргумент за напад врз оваа земја, но вели дека него не го извршил режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, туку бунтовниците. „Има многу причини да се верува дека отровниот гас не бил употребен од страна на сириската армија, туку од опозициските сили, за да се издејствува интервенција од моќните меѓународни поддржувачи“. Рускиот претседател предупреди и дека бунтовниците сега подготвуваат сличен ваков провокативен напад и врз Израел.

NATO Außenminister Treffen 23.04.2013

Кери и Лавров ќе разговараат во Женева

Поради тоа, Путин како што истакнува го поздравува интересот на американскиот претседател Барак Обама за дипломатска разврска на состојбата во Сирија, која соопшти дека се согласува да го предаде своето хемиско оружје. „Внимателно го проучив обраќањето на претседателот на САД Барак Обама до нацијата во вторникот. И во целост не се согласувам со неговиот став дека политиката на САД ја прави Америка поинаква, посебна. Екстремно опасно е да ги поттикнувате луѓето за себе да мислат дека се посебни, без разлика на мотивот за тоа“, заклучува Путин.

Дипломатска средба во Женева

За натамошните постапки во врска со предлогот за уништување на сириското хемиско оружје под меѓународен надзор денеска на средба во Женева ќе разговараат државниот секретар на САД Џон Кери и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. На средбата ќе учествуваат и експерти за оружје, како и специјалниот пратеник за Сирија на ОН и на Арапската Лига, Лакдар Брахими. Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун ги поздрави американско-руските разговори и изрази надеж дека тие ќе доведат до договор во поделениот Совет за безбедност за контрола на сириското хемиско оружје и негово етапно уништување. Инаку, се очекува по разговорите во Женева да следуваат повеќедневни преговори на членките на Советот за безбедност на ОН за изработка на соодветна резолуција на Светската организација за Сирија. Портпаролот на ОН, Фархан Хак изјави дека за генералниот секретар Бан е особено важно членките на Советот да преземат дејства за запирање на употребата на хемиско оружје и да го решат поширокиот проблем - 2,5-годишниот конфликт во Сирија.