1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Путин замина за да остане!

На Владимир Путин му успеа посебен политички потег што скоро потсетува на квадратура на кругот и од многумина пред само уште неколку недели беше оценуван како невозможен. Коментар на Инго Мантојфел

default

Путин и Медведев или Медведев и Путин?

Путин додуша ја предаде претседателската функција, но без промена на уставот, како премиер, останува централна фигура во руската политика. Накусо: Путин замина, за да остане.

Централната порака од Путин и Медведев во последните месеци беше дека со ова ново двојно владеење во Русија – оваа „тандем демократија„ со Медведев како претседател и Путин како премиер, продолжува гаранцијата за политичката и економската стабилност на Русија. Обајцата неуморно повторуваа дека само на тој начин земјата може да се модернизира. Меѓутоа, токму во оваа теза за политичката стабилност со новата двојна власт Медведев – Путин, може да се искаже сомнеж.

Се поставува прашањето за готовноста на Медведев да му се потчини на премиерот Путин. Во моментов Медведев кон ова прашање се однесува многу дипломатски и воздржано, иако како претседател располага со широки надлежности. Како претседател тој е и врховен командант на руските воени сили и ги контролира таканаречените моќни министерства – армијата, полицијата и тајните служби.

Според уставот, Медведев има уште една силна позиција во однос на премиерот: може да го отпушти, како и кон парламентот: може да го распушти. Од друга страна, премиерот Путин со дво-третинското мнозинство на неговата партија „Единствена Русија„ во Думата, може да ги блокира претседателовите наредби и во случај на колебање, со промена на уставот во целост да го обезвласти претседателот.

На прв поглед, во новата двојна власт на претседателот Медведев и премиерот Путин може да се види посебна руска форма на контрола и баланс. Меѓутоа, основната грешка во новата политичка конструкција е во тоа што поделбата на власта не е во смислата на класична егзекутива, легислатива и судство, туку што предност добива нејасната поделба на власта во рамките на егзекутивата. Оттаму, за двојната власт ќе биде решавачко дали Медведев и Путин ќе расчистат кој е вистинскиот број еден во политичка Русија. И уште поважно - дали обајцата долгорочно ќе се придржуваат кон таквиот договор. Ако не, тогаш место постојаност и континуитет, побргу можат да се очекуваат несогласувања и политичка нестабилност.

Инго Мантојфел