1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Путиновиот „Сочи-ефект“

Со ЗОИ во Сочи кои денеска (7.2.) ќе бидат свечено отворени, рускиот претседател Путин сакаше меѓународно да промовира нова Русија. Но, се случи сосем спротивното, смета Инго Мантојфел, автор на следниов коментар.

Непосредно пред почетокот на Зимските олимписки игри во Сочи рускиот претседател Владимир Путин би можел да се чувствува онака како што пред неколку години се чувствуваше Барбара Страјсенд. Познатата американска глумица и пејачка во 2003. година со покренување тужба против еден фотограф се обиде да го спречи ширењето на снимките на нејзината куќа, направени од воздух. Но, токму нејзината тужба која предизвика сензација придонесе за тоа снимките на куќата да стигнат во центарот на вниманието на медиумите. Оттогаш наваму експертите за односи со јавноста, советниците и новинарите говорат за т.н „Страјсенд ефект“. Тоа значи дека кога некој кој се обидува да спречи објавување на некоја информација која не му оди во прилог, може да смета на спротивен ефект кој ќе овозможи да дојде токму до она што првобитно се сакало да се спречи. Сличен феномен, кој би можел да се нарече „Сочи ефект“ сега доживеа и Владимир Путин.

Кога рускиот претседател пред десетина години се бореше да ја добие организацијата на Зимските олимписки игри во Сочи, пред очите имаше јасна цел: светот треба да види дека нова Русија, под негово раководство, 20 години по распадот на СССР е модерна и напредна земја. Уште за време на планирањето на изградбата на олимпиското село, борилиштата како и комплетната инфраструктура стана јасно дека станува збор за мега-проект, тежок милијарди и милијарди евра. Путин меѓутоа не се исплаши од тоа. Олимпијадата во Сочи требаше на светот да му покаже, не само нова слика на Русија, туку да претставува и Путинов триумф.

Наместо пофалби, се редат критики

Ingo Mannteufel

Инго Мантојфел, уредник на руската редакција во Дојче Веле

Меѓутоа слично како и искуството на Барара Страјсенд и Путин постигна спротивен ефект. Наместо пофалби за нова Русија, се редат жестоки критики и тоа од сите страни. Колку повеќе Игрите се приближуваа толку поголем публицитет добиваа темните страни на нова Русија. Ширум светот, милиони новинарски прилози, радио и ТВ извештаи, интернет коментари и ТВ репортажи се погрижија за тоа на примерот на Сочи да бидат расветлени и прикажани проблемите со кои се соочува нова, Путинова Русија. А тие проблеми се корупцијата, самоволието на државните службеници и органи, критичната состојба на човековите права, уништувањето на животната средина, цензурата на медиумите, хомофобијата и законите кои ја поттикнуваат, потоа неправедната и експлоататорска состојба на странската работна сила, етничките конфликти во северен Кавказ, незавршените објекти и низа други неправилности.

Се разбире дека за тоа се известуваше и порано, но Зимските олимписки игри во Сочи силно ги поттикнаа сите тие критики. Олимпијадата пред сѐ на аполитичната публика и покажа што се случува во Русија. А тој проблематичен впечаток ќе остане, независно од тоа, како ќе течат Игрите и кои ќе бидат олимписки победници. Нема сомневање дека таквите мега-проекти за изградба на инфраструктура се секогаш поврзани со голем ризик. Треба само да се потсетиме на изградбата на новиот меѓународен аеродром во Берлин (кој и натаму не е довршен а трошоците повеќекратно се зголемени).

Во критиката кон Русија и Путин има и многу неоправдани работи. Многу Руси сега гледаат како нивната земја е изложена на критики и потсмев во меѓународната јавност. Меѓутоа и покрај сета оправдана критика која се упатува, Русија од распаѓањето на Советскиот сојуз наваму значително се промени- и технички и економски се модернизира.

Зимските олимписки игри во Сочи значително повеќе во фокусот ги ставија проблемите во Русија, наместо да го исполираат имиџот на земјата. Тоа предизвика ефект на кој претседателот Путин не сметаше, т.н. „Сочи-ефект“