1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Пулсирања на светската економија

Економски вести

Седиштето на ММФ во Вашингтон

Седиштето на ММФ во Вашингтон

Во последните месеци се подобрија изгледите за движењето на светската економија. Меѓународниот монетарен фонд оценува дека се намалени опасностите како ризик од инфлација и предвидува за целава година глобален стопански пораст од околу 5 проценти. Со тоа би бил постигнат најсилен пораст во еден петгодишен период за последните 40-ина години.

Предвидувањата за движењето на германското стопанство се воздржани: за тековнава, според ММФ, порастот ќе изнесува 1,8 а за наредната 1,9 проценти. Германските истражувачи на конјунктурата се поголеми оптимисти и очекуваат стапка од преку 2 насто.

Економиите на земјите од Источна Азија, 10 години по големата финансиска криза, не само што се опоравени, туку се денес попродуктивни и финаниски постабилни од било кога. Ова произлегува од една студија на Светската банка, објавена деновиве. Стопанскиот пораст на земји како Кина, Индонезија, Јужна Кореја и Виетнам минатата година изнесувал во просек 8,1 насто. Проценките за годинава се 7.3 насто.

Цената на нафтата се стабилизира на високо ниво. По ослободувањето на британските маринци од иранско заробеништво дојде до повеќедневен пад на цената. Сегашниот скок е предизвикан од заканите од иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад за облагородување ураниум во голем обем. “Се враќаме на константната тема атомски спор” – велат аналитичарите.

Продолжува бумот на германскиот извоз, но се предвидува негово слабеење во наредните месеци поради постојаниот пораст на вредноста на еврото, што ги прави германските производи се’ поскапи. Во февруари германските фирми извезоа стоки во вредност од 77,6 милијарди евра, што е зголемување од 10,9 насто во споредба со истиот месец лани.

На германскиот автомобилски пазар во првиот квартал од годинава се продадени 718 илјади нови автомобили, што е за една десетина помалку отколку лани. Многумина се решија да купат ново возило кон крајот на минатата година поради покачувањето на данокот на додадена вредност за три процентни поени од 1-ви јануари 2007-ма. Но, текот на продажбата во март навестува подобрување.

Ауди се стреми годинава или во наредната година на американскиот пазар за прв пат да продаде преку 100 илјади автомобили, а за пет до шест години да ја надмине и границата од 200 илјади продадени возила.