1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Пудингот - тремаџија го освојува светот

Неодамна во Берлин беа доделени наградите за најдобри компјутерски игри. Конкуренцијата е голема, а со тоа и предизвикот. Посетивме едно студио во Берлин кое е номинирано во две категории.

Јунак на оваа приказна е фигура од пудинг која бега од возот заразен со духови. Тоа е видео-играта „Големиот страв - паниката на еден пудинг“.

Идејата се роди овде во берлинската фирма Кунст-штоф. Мало студио со големи идеи. На пазарот на видео игри не доминираат само големите играчи, тоа е одамна јасно.

Дизајнерот Грит Шустер тврди дека во приказната за атрактивноста на некоја игра важен е ликот на главниот јунак, но и неговите карактеристики. Тоа е пресудно, вели Грит.

„Особено сега кога се’ стана мобилно, факторот на симпатичност игра голема улога. Кога луѓето ќе забележат една симпатична фигура со крупни очи, играта ќе им делува далеку поатрактивно и ќе кликнат на неа“, вели Грит Шустер.

Берлинското студио за своите дизајни досега доби безброј награди, меѓу другите, во 2011. и реномираната „ред- дот дизајн“ награда.

И покрај новите технологии, идејата за јунакот на некоја игра се раѓа на хартија. Патот до конечниот изглед на една фигура како пудингот тремаџија е доста долг.

„Како и кај секој јунак важно е неговиот лик да биде препознатлив и да останува во главата на луѓето. Да има нешто специфично, но во исто време да е едноставен. Се обидовме со различни облици и на крајот се одлучивме за класичната форма на пудинг колаче“, објаснува Грит Шустер.

Денес сите играат игри

Промена на локацијата. Просториите на здружението УСК, место каде што се контролираат и тестираат содржините на производите во забавната индустрија. Се‘ што ќе се појави во оваа бранша, експертите мора да го проверат.

Flash-Galerie Gamescom Köln 2011

Тука, меѓу другото, се наоѓа и втората најголема архива на видео игри во светот. Се‘ што се појавило од пред 30 и повеќе години до денес е тука. Понудата е се’ поголема.

„Културата на игри и игрите воопшто денес се сосема поинакви. Денес сите играат игри на сите можни места: мажи, жени, стари, млади, на домашните компјутери, на мобилни апарати, на конзоли. Можностите се неограничени“, вели Феликс Фалк, директор на УСК.

Само во Германија, видео игри редовно играат 25 милиони луѓе. Фирмата Кунст-штоф е само една во низата кои профитираат од тоа.

„Нашиот пудинг-тремаџија во моментов гради голема кариера, се надевам дека така ќе биде и во иднина. Сега за овој јунак се заинтересира и еден издавач на стрипови. Во тек се разговори и со ТВ продуценти, а преговараме и со издавачи да ни помогнат да продадеме андроид верзијата и во странство“, објаснува Патрик Рау, сопственикот на Кунст- штоф.

Доколку вака продолжи, пудингот тремаџија би можел да направи кариера и надвор од тунелите и возовите од кои упорно бега во моментов.