1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Публика има, а и кина (ќе) има!

Вчера во Скопје заврши филмскиот фестивал „Синедејс“. Одличниот избор на филмови ја врати публиката во кино-салите, а организаторите на фестивалот ветуваат дека трендот ќе продолжи

Во изминатите години само филмските фестивали ги полнеа кино салите со гледачи- „Браќа Манаки“, „Синедејс“, „Скопје филм фестивал“(кога беше во своите најдобри години). Причините за слабата посетеност на кината главно се лоцираат во цената на билетите, изборот на филмовите, доцнењето на домашните премиери во споредба со светските, пиратеријата, а потоа згаснаа и кино салите во земјава.

Вчера заврши „Синедејс“ кој беше одлично посетен; Скопје доби „Синеплекс“, а наскоро ќе има кина и во другите градови.

Излегува ли Македонија од долгогодишната кино-депресија?

Стевковски: „Милениум“ ја крена кино-културата

„Киното Милениум оваа година имаше 170 илјади посетители, а со воведувањето на 3Д опремата и со прикажувањето на македонскиот филм „Трето полувреме“ на Дарко Митревски- соборува рекорди на посетеност“, вели за ДВ, Златко Стевковски директор на Младинскиот културен центар. За нецел месец го гледале над 35 илјади гледачи.

Стевковски потенцира- публиката се врати во кино, таму каде што се има вистинското доживување на едно филмско остварување. Соборуваат рекорди, а пиратеријата е само еден кат подолу од киното!

Zlatko Stevkovski

Златко Стевковски

„Не може да се запостави фактот дека ние 10 години немавме кино култура. И се уште го имаме горливиот проблем со пиратските изданија. Пиратските ДВД-ја буквално нè пеплосаа, нè разорија. Меѓутоа, со насловите кои ги донесовме годинава како на пример, „Прометеј“, „Ледено доба“ или „Бетмен“ на денот на светската премиера, што порано се случуваше еднаш во 2 или 3 години,  ние тоа успеавме да го наметнеме и да го воспоставиме да биде редовна практика во киното Милениум и со тоа ја вративме публиката“, вели Стевковски.

Синедејс – со нов рекорд

Единаесетото издание на фестивалот на Европски филмови „Синедејс“ од 15 до 25 ноември донесе повеќе од 100 филмови, но и фестивалска атмосфера добро позната на редовните гледачи на филмовите од автори кои го претставуваат „кремот“ на актуелното европско филмско творештво. Стевковски е убеден дека „Синедејс“ годинава го собори минатогодишниот рекорд на продадени билети.

Тој потенцира дека публиката е пробирлива, критична и го познава европскиот филм.

„Од минатата година особено еве и оваа имаме сериозно добра понуда на филмови особено за луѓето кои искрено го сакаат филмот како уметност“, вели редовен посетител на кината во Скопје.

„Мислам дека се создава нова клима- луѓето да веруваат во киното, а овие фестивали уште повеќе ќе придонесат за тоа. Скопје мора да држи чекор со сите трендови, а одењето во кино е тренд кој не запре во другите држави“, вели Катерина Богоева, новинар.

Новинарот Тони Димков смета дека старата и добра навика на одење во кино сепак е загубена.

„Мислам дека „кампањски“ се настапува со филмовите- тешко се исполнува кино салата со редовен репертоар. Како сите да чекаат да се случи фестивал и да „нагрнат“ во кино“, вели тој.

Рестартирање на кината во целата земјa

Преку Филмскиот фонд на Македонија се реализира проектот за обновување на опремата за прикажување на филмови во киносалите во 14 центри за култура во

Symbolbild Zuschauer im Teater Kino

Македонија. Веќе следната недела ќе започне инсталирањето на новите дигитални проектори и треба да заврши до февруари 2013 година, објаснува Дарко Башески, директор на Филмскиот фонд на Македонија.

Освен тоа, како што изјави еднаш за ДВ, „амбициозни менаџери + континуирана програма= полни кина“!

„Се велеше дека нема публика, а кината се жалеа дека нема филмови и тоа беше како приказната за кокошката и јајцето. Од друга страна од прикажувањето на филмот „Трето полувреме“ за еден месец има над 40 илјади гледачи само во киното Милениум. Значи, потенцијал и публика има, но треба да се донесат филмови. Ако отвориме уште неколку кино сали па да имаме 20 или 25 до следната година, очекувам на дистрибутерите да им се исплати да донесат филмови.

Многу големи градови имаат и по неколку мултиплекси и- не застануваат. Се отвораат нови. Времето и пазарот ќе покажат колкави се капацитетот и можностите на кино салите, но и на публиката “, изјави Башески.

Австриската кино групација Синеплекс во Скопје отвори мултиплекс со 9 кино сали, со најсовремена технологија за прикажување и вкупен капацитет од околу 1400 седишта.