1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Публиката во Македонија не е наивна

Разговор со Сали Брајтон, одговорна за медиуми во мисијата на ОБСЕ во Скопје, за слободата на печатот и состојбата со медиумите во Македонија . Повеќе проактивно новинарство, а помалку протоколарно известување, бара таа.

default

Сали Брајтон: ориентацијата на медиумите лесно се оценува

Како ОБСЕ ја оценува состојбата на медиумите во Македонија?

Брајтон: Плурализмот отсекогаш бил една од најсилните страни на медиумите во оваа земја. Сепак, скорешниот пораст на бројот на медиуми, особено на електронските, покажува дека има растечка поделба на пазарот. Со неколку исклучоци, повеќето од електронските медиуми, особено телевизиите, следат еден ист генерички формат, што значи дека публиката има голем избор на најчесто исти теми. Позитивна работа што е присутна однеодамна е експанзијата на онлајн - медиумите и секако интернет пенетрацијата, нивото на користење на интернетот, што на луѓето им дава пристап до различни форми на информации.

Како во ова мноштво на медуими ОБСЕ ја оценува слободата на печататот во Македонија?

Брајтон: Една од работите кои ОБСЕ веќе ја потенцираше кога станува збор за слободата на печатот во Македонија е проблемот на влијанието врз уредувачката политика од страна на сопствениците на медиумите, особено на политичките врски на сопствениците на медиумите, кои влијаат врз уредувачката политика. Тоа е некогаш и на екстремно ниво, кое може да резултира со автоцензура на медиумот. Проблемот се зголемува со постоењето економски слаби медуими. Колку што е поголема фрагментацијата, толку се поголеми шансите некои медиуми да не успеат да опстанат на пазарот, така што дел медуими, кои биле база на плурализмот, можат да страдаат во иднина.

Дали медиумите во таква ситуација, каква што ја опишувате се коректор на власта?

Брајтон: Секако, медиумите тука ја имаат таа улога, некои повеќе, а некои помалку, сепак тоа е реакционерен феномен. Владата кажува или прави нешто и потоа сите медиуми го вреднуваат тоа или го критикуваат. Само неколку медиуми се обидуваат да наметнат агенда и придонесуваат во одредувањето на темите. Постои потреба од повеќе проактивно новинарство, а помалку протоколарно новинарство. Потребно е истражувачко известување. Во последниве неколку години е забелажан пораст на овој вид на новинарство, но се‘уште не е доволно за да биде на ниво, на кое медиумите ќе отвораат прашања и теми, на кои владата ќе реагира.

Колку се медиумите отпорни на политички влијанија?

Брајтон: Некои повеќе, некои помалку. Медиумите треба да бидат колку што е можно понезависни од надворешни влијанија, но како и да е, секој медиум во светот има своја уредувачка политика, која содржи одредени принципи. Секаде постојат медиуми наклонети кон десницата или кон левицата и такавата нивна уредувачка наклонетост е забележлива во изборот на теми, во луѓето кои ги прикажуваат и во изборот на позиции кои ги заземаат во нивните колумни. Сепак, при конструкцијата на сторијата, на новинарскиот текст, е важно да се користат факти и вистински извори, кои ја илустрираат реалноста и секогаш оставаат простор за разјаснети погледи. Публиката во Македонија не е наивна, луѓето лесно можат да оценат кој медуим следи одредена политика или застапува одредена партија, важно е да има доволно различност, за луѓето да можат да изберат.

Може ли ОБСЕ во Македонија да констатира поделба на медиумите на провладини и опозициски?

Брајтон: Најточно е да се каже дека некои од нив се провладини, некои проопозициски, а некои на средина. Поентата е што тоа е прилично нормално. Тоа е вообичаено во секоја земја. Ако ги гледате вестите на Фокс телевизија и на СИ ЕН ЕН во Америка, ќе ги забележите истите видови поделба. Истото важи и за „Вашингтон пост“ и за „Вашингтон Тајмс“. Сето ова е во согласност со уредувачките политики, за кои зборував претходно, само ќе повторам - публиката не е наивна и често го избира медиумот, кој одговара на сопствените убедувања, политички и идеолошки. Публиката исто така препознава кога станува збор за безобзирна пропаганда.

Дали ова значи дека е урнат митот за неутрални медиуми?

Брајтон: Не знам дали некогаш воопшто постоел мит за неутрални медиуми. Поентата е да бидат колку што е можно поотпорни на надворешни влијанија и да градат сопствена уредувачка политика, базирана врз нивните принципи и убедувања.

Во ваква ситуација, дали спас би бил странскиот капитал и зошто го нема во доволни количества особено во електронските медуими?

Колку што јас знам, има странски капитал во два електронски медиума и секако тука е ВАЦ во печатените медиуми. Исто така веќе постои значителна количина на странски капитал на пазарот за електронски комуникации, во системот на пренос. Навистина не би можела да кажам зошто нема повеќе странски капитал, бидејќи тоа не е област која ОБСЕ ја следи.

Каков е ставот на ОБСЕ во врска со пропаста на државната радиотелевизија како јавен сервис?

Брајтон: Тоа е многу разочарувачки. Оваа држава има потреба од силен јавен сервис со функционален менаџмент и стабилен систем на финансирање. Нема оправдување за тоа што надоместокот за радиодифузна такса не е наплатен во последните две години. Но МРТВ не единствениот јавен сервис во Европа, кој што е во тешка ситуација во моментов, проблемот е што не постои единствен точен одговор или модел, што може да се предложи како решение за проблемите во МРТВ. Постојат неколку основни принципи и неколку идеи за надминување на проблемите, но ќе биде потребен сериозен напор и креативност за да се најде решение.

Во Македонија имаше случаи на физички малтретирани новинари и инциденти. Постои ли цензура или автоцензура, како ОБСЕ реагира на ваквите случувања?

Брајтон: Важна работа е што, во најголемиот број, споменатите случаи на насилство врз новинарите не се предизвикани од државни институции. Само во еден од нив, со камерманот на ТВ „Алсат“ беа инволвирани службени лица. Важна работа во насока на слободата на печатот и безбедноста на новинарите е да се овие случаи да бидат затворени до крај, на ефикасен и брз начин, за што е потребно институциите да се ја вршат работа, судовите својата, обвинителството неговата.