1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Проширување на патарината за товарни возила во Германија

Досега плаќањето патарина за товарни моторни возила важеше само на автопатиштата, а сега се проширува на повеќе магистрални патишта. Државата се надева на приходи во милионски суми.

Со почетокот на август возачите на товарни моторни возила ќе треба да посегнат по џебот за да платат патарина и на некои магистрални патишта. Се работи пред се‘ за делници со четири ленти, поврзани со автопатиштата. Вкупно низ земјата патарина ќе се плаќа на дополнителни 1135 километри.

Се очекуваат годишно 100 милиони евра повеќе

Преку проширувањето на патарината за товарни моторни возила, германското министерство за сообраќај се надева оваа година да собере 40 милиони евра повеќе. Од 2013. година се планира плус од годишно сто милиони евра.

Проширувањето на плаќањето патарина на добро изградените магистрални правци од први август за министерството за сообраќај и за еколошките организации не е доволно. Здружението за заштита на природата мерката ја нарече половична и побара плаќањето патарина да биде воведено колку што е можно побрзо на целата патна мрежа во земјата. Еколошки ориентираниот Сообраќаен клуб на Германија освен тоа бара етапно зголемување на патарината во просек од 17 на 45 центи по километар.

Опозиционата Социјалдемократска партија ќе врши проверка дали од следниот легислативен период од 2013. година во системот за патарина можат да бидат внесени сите магистрални патишта. Претпоставка меѓутоа би била ниски трошоци на постоење на системот, а дополнителните примања да се влеваат во инфраструктурата, изјави портпаролот на СПД за сообраќај, Серен Бартол.

Шпедитерите не се возбудуваат

Шпедитерската бранша смета дека преку проширувањето на плаќањето патарина за товарни моторни возила ќе дојде само до поскапување на стоките.

„На крајот ќе плати потрошувачот“, изјави раководителот во Сојузот на шпедициите и логистиката на Баден Виртемберг, Андреа Маронгин.

Фирмите со и онака ниски маржи едноставно нема да ги издржат трошоците, туку ќе бидат приморани да ги префрлат врз своите муштерии, врз трговијата и индустријата.