1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Проширување на ЕУ: за Македонија исти аршини како и за Хрватска

„Југоисточна Европа по проширувањето на ЕУ“ - на оваа тема денеска во Берлин Дојче Веле и Друштвото за југоисточна Европа поканија на дискусија политичари, стопанственици и претставници на медиумите од Германија и од регионот на таканаречениот Западен Балкан.

Во настапот на истакнати претставници на различните парламентарни фракции од германскиот Бундестаг се искристализираа диференцирани ставови. Гернот Ерлер, заменик-претседател на социјалдемократската фракција во Бундестагот, зборуваше за еден вид замореност од сегашното големо проширување на Европската Унија со 10 нови членки. Тој истакна дека за земјите што во меѓувреме поставиле или допрва ќе постават барање за прием треба да важи принципот на еднаквост во однос на исполнувањето на обврските и задачите поставени од ЕУ. Не треба политички попуст да важи за еден, но не и за друг кандидат, рече Ерлер говорејќи за односот на Унијата спрема Хрватска и Македонија. Зошто Хрватска да, а Македонија не? – праша Ерлер и укажа на опасноста што би произлегла од користењето различни аршини за различни земји. Ова прашање тој му го постави на пратеникот Герд Милер, претставник за одбранбена политика и европски прашања на покраинската група на ЦСУ во Бундестагот, кој ја спомна само Хрватска како можен кандидат за прием во ЕУ.

За македонската програма на Радио Дојче Веле, Нада Штајнман му се обрати на Герд Милер:

Прашање: Ја споменавте Хрватска, но не и Македонија. Како стоите вие, вашата партија спрема Македонија? Од македонска страна на вашата парија и’ се префрла дека повеќе сте за Хрватска и цело време ја поддржувате. Што велите вие на тоа?

Одговор: Тоа не е прашање Хрватска против Македонија или обратно. Ние со обете држави имаме многу добри односи и не радува дека и во Македонија напредуваат политичкиот развој, политичката стабилност, внатрешниот мир, меѓуетничкото порамнување и економскиот процес. Тоа со голема радост го гледаме токму во последните години и би сакал да нагласам дека решавачко за можноста за пристап кон ЕУ е како ќе се развиваат работите внатре во земјата. Прашањата за внатрешно смирување, односот спрема малцинствата во сопствената земја, придржувањето кон демократските структури и стопанскиот развој – тука развојот во Македонија во последните години дава многу надеж.

Прашање: Зборувавте и за домашни работи. Македонците исполнија многу домашни работи, вложуваат силни напори иако ситуацијата не е лесна со оглед на блискоста на Косово, а проблемите постојано оттаму се пренесуваат. Ќе биде ли на некој начин хонорирано дека македонските влади во изминатите години вложија толку многу напори?

Одговор: Тоа се разбира ќе биде хонорирано. Многу точно е регистрирано дека Македонија во тој процес сосем недвосмислено е понапред од другите држави на Западниот Балкан и поради тоа јас, а и многу политичари на ЕУ, не исклучуваме дека со Хрватска, Бугарија и Романија ќе биде проверено и тоа барање за прием и потоа ќе биде донесено решение.

Прашање: ЕУ и другите меѓународни установи носат одговорност. Каква одговорност гледате вие за западниот Балкан?

Одговор: Европа, народите на Европа, Германија – ние се разбира имаме голем интерес за мир, стабилност, благосостојба, да уследи економска соработка со таа група држави. Тие се, така да се каже, само неколку километри од нашата порта, тоа е Европа - се разбира, и луѓето очекуваат развој како на пример во Словенија или Словачка. И луѓето во Македонија ја имаат истата таа шанса и тие мора да ја искористат. Предуслов е внатрешниот мир и прифаќање на различноста на другите етнички групи.

Гернот Ерлер одговори на прашањата на Силвера Падори.

Прашање: Тема на денешната конференција е југоисточна Европа по проширувањето на ЕУ. Како гледате на европските перспективи на овие држави и посебно на Македонија?

Одговор: На 1-ви мај го славиме големото пристапување на 10 држави и сосем свесно овде сега организиравме конференција - за спроти тој славенички ден да потсетиме на тоа дека процесот на проширување на ЕУ не е завршен кога на 1-ви мај ќе се придружат и тие 10 држави. Македонија е дел од процесот на стабилизирање и асоцијација и од средбата на Европскиот совет во Солун е јасно дека тој е претстратегија за пристап. Навистина се’ уште нема конкретни преговори, но Македонија веќе поднесе формално барање за прием и од наш агол на гледање е сосем јасно дека сите 5 држави кои учествуваат во тој процес за стабилизирање и асоцирање имаат и право од Европската Комисија да побараат преговори, односно почеток на преговори, и јас сум сигурен дека во покус или подолг рок и ќе дојде до започнување преговори.

Прашање: Македонија поднесе апликација за формално членство во ЕУ на 22-ри март. Со оглед на изборите кои претстојат во земјите од ЕУ, во кој временски рок, кога би можел да се очекува одговорот на Европската Комисија?

Одговор: Мене не ми се познати конкретни датуми кога Комисијата има намера да одговори. Во случајот со Хрватска тоа траеше повеќе од половина година, пред сега во април да очекуваме одговор. И кај Македонија може да трае половина година до 9 месеци додека да биде проверено едно такво барање. Се разбира дека одговорот може да гласи и така - да биде наведен некој подоцнежен временски момент во кој би можеле да започнат преговорите.