1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Проширувањето на ЕУ - периферна тема на германските избори

Во програмите германските партии формално се осврнуваат на проширувањето на ЕУ, кое очигледно не е магнет за избирачите. Позициите се јасни и веќе чуени: перспективите се отворени - по исполнувањето на условите!

Сите големи партии во Германија во своите изборни програми, во делот на Европа по некој ред посветуваат и на проширувањето на ЕУ. Факт е, меѓутоа, дека оваа тема нема централна улога во привлекувањето на гласачите, или како што за ДВ истакнува аналитичар од пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот, темата „проширување и конкретно Македонија“ овој септември за гласачкото тело се безначајни. Според него доколку 90 проценти од избирачите знаат каде е Македонија и со што земјата се соочува би било одлично.

Инаку, кон проширувањето, ЦДУ/ЦСУ посветува само 4 реда од програмата, и тоа некаде на крајот во делот за Европа. Конкретно се вели дека „проширувањето на ЕУ треба да биде во корист на граѓаните на Унијата“. Претходните проширувања биле во интерес на Европа и Германија и демохристијаните сметаат дека земјите од Западниот Балкан треба да имаат европски перспективи. Сепак тие повикуваат на внимателност - доделување полноправно членство само тогаш кога целосно ќе бидат исполнети политичките и економските критериуми.

„Во екот на жешката изборна кампања, кога е во прашање надворешната политика, демохристијаните се сконцентрирани само околу случувањата во Сирија и односот на големите сили (САД и Русија) кон растечкиот конфликт“, вели соговорникот на ДВ, кој со оглед на изборната трка инсистира на анонимност.

Wahlprogramm CDU/CSU 2013

ЕУ-проширувањето на маргините на изборната програма на ЦДУ/ЦСУ

Кога е во прашање Македонија тој не е особен оптимист и гледа мали шанси за старт на пристапните преговори во текот на наредниве месеци и уште потаму, во текот на грчкото претседателство. Ова, како појаснува, поради фактот што кај спорот со името сѐ уште нема поместувања, а Грција како иден претседавач со Унијата во првото полугодие од 2014 година, најавила дека ќе се занимава со давање датум и старт на пристапните преговори со Србија и доделување кандидатски стаутус на Албанија. Поради ваквото политичко милје и изборите за европските институции (пролет 2014) аналитичарот од ЦДУ/ЦСУ смета дека Македонија не треба да губи време и треба агресивно и силно да работи на подготовките на денот „икс“ кога ќе се случи официјалниот старт на преговорите. До тогаш може да го подготви делот на регулативата која го опфаќа праводусниот систем, зашто „хармонизацијата на законите е важна, но тоа е само парче хартија. Многу позначајно е таа регулатива да може да се спроведува, а ова значи наобразба и доспецијализација на кадрите кои ќе бидат ангажирани во тој систем“.

Фер шанси

„Европа мора да продолжи да ги држи отворени вратите за новите членки. Политиката на проширување на ЕУ се покажа како прогресивна политика на мирот. Европа мора да остане на зборот што им го даде како на оние земји кои сега веќе водат пристапни преговори, како и на оние кои добиле ветувања за европски преспективи.... Исто така, стоиме и зад определбата за приклучување и на земјите од Западниот Балкан. Но, исто така е јасно дека пристапувањето во ЕУ е можно само ако земјите кандидати во целост ги исполнат потребните критериуми. Во исто време, со натамошни реформи на ЕУ треба да се обезбеди можноста Унијата да може ефикасно да делува и во вака проширен состав“, се вели во дел од програмата на Социјалдемократите, кој за ДВ го коментира Дитмар Нитан:

Dietmar Nietan

СПД сака да го зголеми притисокот врз Грција. Дитмар Нитан

„СПД стои зад определбата процесот на проширување на Европската унија да не сопре, туку да продолжи. Сакаме да им дадеме фер шанса на сите земји од Југоисточна Европа - кога ќе ги исполнат потребните критериуми, да станат членки на ЕУ. Ова секако важи и за Македонија. Социјалдемократите сакаат да направат повеќе да се зголеми притисокот врз грчките пријатели и да сопре практиката една или две членки на Европската унија да го блокираат пристапниот процес на Македонија. Сметаме дека тоа е погрешно и сакаме во оваа насока повеќе да се ангажираме, па Македонија конечно да ја добие оваа фер шанса за која говорев“, појаснува Дитмар Нитан.

Меѓу 17-те точки во делот од програма на Либералите посветен на Европа, во три реда се споменува проширувањето, во кое ФДП гледа голема шанса, секако „доколку кандидатите се подготвени за полноправно членство“. Но, Либералите како се наведува „инсистираат на институционален напредок на ЕУ, пред да има согласност за наредните проширувања“. Либералот Оливер Лукшич, смета дека идните членки треба да се целосно подготвени, но и Европската унија мора да го има потребниот капацитет за нивен прием. „Ова секако се однесува и на Македонија. И покрај постигнатиот напредок, земјата сѐ уште има одредени предизвици кои треба да ги совлада. Македонија мора консеквентно да ги спроведува реформите, особено во билатерланите односи со соседите, со што ќе има натамошен напредок што е во прилог на пристапниот процес во Унијата“, коментира Лукшич.

Интеграција без менување на границите

И Сојузот 90/ Зелени, петнаесеттина реда посветува на проширувањето на Унијата со земјите од Западниот Балкан.

Dublin 10 Jahre Thessaloniki Konferenz

Европски перспективи и исполнувањето на ветувањето од Солун за Западниот Балкан е една од формалните определби на партиите

Конкретно се вели дека проширувањето не е завршено и тие се заалагаат за почитување на агендата за проширување од Солун, односно „без менување на границите интегрирање на сите земји од Западниот Балкан во ЕУ“. За Сојузот 90/ Зелени проширувањето на ЕУ е успешна приказна, иако можеби во минатото биле направени и грешки. Затоа тие се залагаат за приклучување на секоја една земја одделно врз основа на постигнатите резултати во пристапниот процес. Така, политиката на проширување на ЕУ се квалификува како „инструмент на мирот и стабилноста, но и на правната држава, слободата, демократијата, социјалниот стандард и заштитата на животната средина на целиот континент“.

Партијата на Левицата во својата изборна програма не го коментира проширувањето на Унијата, а уште помалку местото на Македонија. Сепак Штефан Либих кусо за ДВ подвлекува: „Ќе биде добро што поскоро Македонија да го добие посакуваниот датум за старт на пристапните преговори со ЕУ. Знаеме дека земјата направи многу, но за жал и натаму е блокирана од Грција. И партијата на Левицата, верувам исто како и Владата, разговараат за овој проблем. Но, сите се практично немоќни зашто сѐ е во рацете на Грција, која и покрај сопствените проблеми и натаму блокира. Посакувам да се сконцентрира на своите работи и да ја отстрани блокадата на својот сосед“, забележува за ДВ Штефан Либих од партијата на Левицата.