1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Процес на кој му претходеа бројни контроверзи

Со денешниот почеток на судскиот процес против осомничени припадници на десноекстремистичката група НСУ минхенскиот суд, во кој се води постапката, конечно ќе може да здивне, а фокусот ќе биде на вистинските прашања.

Судењето против осомничениот десничарски терорист Беате Чепе (на фотографијата горе со другите двајца НСУ-членови, Уве Бенхарт и Уве Мундлос - од лево кон десно) и другите четворица обвинети за поддршка на терористичката група НСУ требаше да започне на 17 април, но беше одложено поради прераспределбата на местата за новинарите во судницата. Чепе е единствениот преживеан член на тричлената група на НСУ за која германските власти веруваат дека организирала убиства на девет граѓани со турско и со грчко потекло и на една полицајка меѓу 2000. и 2007. година.

Судењето на НСУ претставува едно од најголемите судења за тероризам во историјата на Германија и привлече внимание низ целиот свет. Но во пресрет на почетокот на судењето се редат контроверзи кои немаат никаква врска со процесот. Прво, скандал се случи со распределбата на местата за седење за новинарите во судницата. Во првата распределба, турските медиуми не добија ниту едно место во главната сала. Реакцијата беше жестока, имајќи предвид дека осум од жртвите на НСУ се Турци.

Тужба против судот

Presseplätze beim NSU-Prozess

Лотарија за поделба на местата во судницата

Турскиот весник „Сабах“ на крај одлучи да тужи, барајќи одреден број места за странските медиуми, особено за турските. Судиите пресудија во полза на Сабах само неколку дена пред првично закажаниот датум за почеток на судењето, по што беше одлучено местата да се распределуваат според систем на лотарија, а почетокот на судењето беше одложен за три недели.

Но, проблемот беше што семејствата на жртвите и нивните адвокати за одложувањето дознаа од медиумите. Поради таквиот однос тие беа бесни на властите.

„Мојот клиент беше изненаден и многу лут, особено поради тоа што за оложувањето дознавме од медиумите“, вели Себастијан Шармер, адвокат на Гамзе Кубашик, ќерка на убиениот Мехмет Кубашик.

Политичкиот аналитичар Хајо Функе смета дека реакцијата на семејствата била разбирлива.

„Семејствата на жртвите преживуваат многу тежок период, најпрво поради тоа што десет години никој не ги сфаќаше сериозно, а неретко во истрагата и самите беа напаѓани“.

Но и вториот процес на акредитација на новинарите мина со контроверзи. За 50-те места во судницата имаше над 300 апликации. Проблемот се случи кога во лотаријата беше извлечено името на новинар кој претходно веќе го имаше повлечено своето барање. Експертите овој проблем и‘ го припишаа на несовесната бирократија и побараа да не се преувеличуваат грешките.

Забелешки и на планот

Symbolbild NSU Prozess Gerichtssaal

Салата во која ќе се одржи судењето

Конечно, критичарите имаат забелешки и на планот за судењето. Планирано е да се појават над 600 сведоци, но предвидени се по само 45 минути за нивно испрашување. Според некои правници, тоа е премалку, според други - судијата може и во текот на постапката да ја менува агендата. „Судијата не мора да се држи до стриктна временска рамка како во фудбалот. Неговата задача е да трага по вистината“, вели поранешниот судија Винфрид Хасемер.

Денеска (06.05) почнува процесот против НСУ во Минхен. Германските граѓани имаат високи очекувања. Во една анкета на магазинот „Штерн“, 42 проценти од испитаниците оцениле дека успешниот прогон на одговорните за злосторствата ќе го поправи имиџот на земјата во странство.