1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

„Процесот против Навални е политички мотивиран“

Пред судот во рускиот Киров започна процесот против блогерот и опозициски лидер Алексеј Навални. Тој е обвинет за проневера на државни пари и му се заканува затворска казна во траење до 10 години.

Пред и по парламентарните избори во Русија во 2011 година Алексеј Навални (фото горе) беше сметан за лидер на протестите против тогашниот премиер, а сега претседател на државата, Владимир Путин. Навални најави дека лично ќе се кандидира на наредните претседателски избори: „Голема е веројатноста дека ќе бидам казнет условно. Тоа сигурно им одговара бидејќи нема да смеам да се кандидирам, а и условната казна во секој момент може да се смени во казна затвор.“

Претседателски кандидат

Алексеј Навални (36) стана познат поради откривањето на случаите на корупција. Тој води интернет блог и беше вклучен во организирање на масовните протести против рускиот претседател Владимир Путин. Овој адвокат е обвинет за проневера на јавни средства. Тој, наводно, во соработка со една приватна фирма, од регионалната влада на Киров украл 10.000 кубни метра дрво и така ја оштетил државната каса за 16 милиони рубљи (околу 500.000 евра). Навални го отфрла тоа обвинение и тврди дека целиот случај е исконстrуиран, по налог на Путин.

Jens Siegert

Јенс Зигерт

„Тоа е чист политички процес. Тоа се гледа и по една забелешка на портпаролот на државниот обвинител, кој го советувал Навални, дека може да ги продолжи политичката агитација и активности и од затвор“, оценува во интервјуто за Дојче веле Јенс Зигерт, шеф на московската канцеларија на германската фондација „Хајнрих Бел“. На прашањето до кој степен изјавата на Навални дека сака да се кандидира за претседател има врска со процесот, Зигерт вели: „Различно е кога ќе се осуди претседателски кандидат, а не некој обичен опозиционер. Навални можеби го изјавил тоа за да привлече внимание и да добие заштита. Реално, тоа не значи речиси ништо. Следните претседателки избори се, ако ништо вонредно не се случи, дури во 2018.“

До популарност преку затвор

Тешко е да се процени какви би биле шансите на Навални на изборите, пред се’ поради тоа што јавноста во Русија е премногу изманипулирана и е многу зависна од она што е прикажано во државните медиуми, посебно на телевизијата, вели Зигерт и додава: „Навални е многу познат, а нешто помалку од 19 проценти од граѓаните може да си замислат, да гласаат за него. Тоа е многу повеќе отколку што добива мнозинството на Путиновите политичари, вклучувајќи го и Дмитри Медведев.“

Освен тоа, овој процес би можел и да му користи на Навални, така што ќе го направи уште попопуларен. Во Русија е тоа стара традиција - кога некој од опозиција ќе отиде во затвор, тоа му доаѓа како да станал народен херој, забележува Јенс Зигерт, шефот на московската канцеларија на германската фондација „Хајнрих Бел“.