1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Прохибиција во Чешка по смртната серија од алкохол

Пивото и виното се дозволени, но високо процентниот алкохол го нема во чешките маркети. Баровите и ресторантите исто така имаат забрана да точат жестоки пијалоци. Забраната е реакција по смртта од алкохол на 20 луѓе.

Во барот „Каза Хавана“ во центарот на Прага може да се добијат најдобрите коктели во градот. Вообичаено ова популарно кафуле е исполнето до последно место. Но, сега како осека да го зафатила шанкот. Осамен, Ондреј меша безалкохолен овошен коктел. „Ова е вистински проблем за нашиот бар. Повеќе речиси и да немаме гости. Ако продолжи прохибицијата, би морале дури и да го затвориме кафулето“, вели тој.

120.000 евра казна или до десет години затвор им се закануваат на Ондреј и неговите колеги ако ги прекршат новите прописи. Властите спроведуваат строги контроли за да утврдат дали гастрономите се придржуваат до правилата. Министерот за здравство Леос Хагер овој драстичен чекор го најави во живо за време на вечерните вести: „Продажбата на пијалоци со повеќе од 20 проценти алкохол се забранува во сите ресторанти, барови и продавници за прехранбени производи на целата територија на Чешката Република. Оваа вонредна мерка важи без временско ограничување“.

Неколку часови по оваа објава супермаркетите ги испразнија полиците. Жестокиот алкохол го повлекоа во магацините. Може да се купи само пиво, вино и пенливо вино, изјави портпаролот на синџирот продавници за прехранбени производи „Теско“, Јан Дворжак. „Мораме да ја почитуваме оваа одлука. Се разбира со тоа ќе претрпиме големи загуби, но здравјето на нашите клиенти ни е на прво место“.

Чешка одамна има проблем со нелегално произведен алкохол

Муштериите во продавниците преку разглас се информираат за новите правила. Многумина не се среќни поради одлуката на владата. Проблемот со алкохолот произведен на црно веќе одамна е познат, се лути еден постар човек. Политиката ги затвораше двете очи. Забраната не е ништо друго освен ширење паника. „Оваа прохибиција нема да донесе ништо. Напротив, ако повеќе не може нормално да се купи ракија во продавниците, луѓето дури тогаш ќе бараат да купат алкохол на црниот пазар“, вели муштеријата на супермаркетот „Теско“.

Според прашкиот професор по биотехнологија Карел Мелцох, една петина од продадениот алкохол во Чешка потекнува од црниот пазар. Во сиромашните делови на Чешка, како слабо развиениот североисток, каде се регистрирани и најголем број жртви, процентот на нелегален алкохол на пазарот е уште повисок, според некои проценки дури и над 50 проценти. 

Стручњаците ги загрижува и фактот што алкохолот не доаѓа од нелегални мали работилници туку се меша во лаборатории. Но ниту тоа не ја објаснува огромната количина на метанол, пронајден во сега запленетите шишиња илегална вотка. „Најверојатно некој ги помешал бочвите и наместо алкохол, вмешал опасен метанол“, уверен е Мелцох. 

Забраната за продажба на алкохол засега остананува на сила. Дури откако ќе биде пронајден изворот на фалсификуваниот алкохол, ситуацијата ќе се нормализира. Стотици полицајци, цариници и санитари инспектори контролираат низ целата земја, но без успех. Досега се приведени 17 сомнителни лица. Во меѓувреме се зголеми бројот на жртвите од алкохолното труење на 20 починати. Според информации од чешкото министерство за здравство за живот се борат повеќе од 30 лица.