1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Професорите и студентите уште се „плашат“ од интернетот

Во време кога светот технолошки се развива со огромна брзина, современите начини на комуникација се составен дел и од образованието. Пред се’ интернетот. Колку тој се користи на факултетите во Македонија?

default

Модерните технологии и пред се’ интернетот, стануваат неопходност во процесот на комуникација во образованието меѓу професорите и студентите, иако се’ уште се присутни отпори, а доаѓаат како последица на големииот генерациски јаз, претежно кај повозрасни професори, но и повозрасни студенти. Татјана Стојаноска, професор на Филзофскиот факултет во Скопје, објаснува колку таа ја применува интернет комуникацијата со студентите:

„Совремието наметнува некои стандарди на кои што ние мора да се прилагодиме. А, тоа се современите начини на комуникација, односно преку мејлови и социјалните мрежи. Ваквиот начин на комуникација има низа предности. Јас до пред две години бев скептик во однос на тоа дека нема можност убаво да се изразиш и да објасниш кога станува збор за ваквиот начин на комуникација. Сепак сфатив дека е многу попродуктивно ако комуницираш преку интернет бидејки со многу поголема брзина информациите ги примаш или ги даваш“, вели Татјана Стојаноска.

Universität Cyril and Methodious in Skopje, Mazedonien

Студенти пред еден од факултетите на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје

Марија е студент на Правниот факултет во Скопје, вакви се нејзините искуства: „ Може да се каже дека навистина малку професори се ангажираат да комуницираат со студентите преку интернет. Помладите професори, асистентите, демонстраторите или пак некои помлади доценти кои влегле во светот на технологијата, го користат интернетот како средство за комуникација со студентите. Останатите повозрасни професори не знаат да го користат интернетот и можеме да ги најдеме само во нивните кабинети во приемно време.“

Одговор побаравме и од професор Игор Трајковски од факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство.

„ Некои факултети поагресивно го користат интернетот за одржување на наставата, некои пак заостануваат. Некои факултети воопшто немаат електронски слајдови, се е во пишана форма, се пишува на табла, па потоа студентите препишуваат. Тоа е многу потешко за дистрибуција и за учење.“

Страв од компјутерите

Universität von Tetovo, Mazedonien

Тетовскиот универзитет

Има ли отпори кај професорите и студентите при користењето на интернетот во наставниот процес? Според Зоран Ричлиев, кој предава на Високата школа за новинарство во Скопје, само кај помал дел од професорите и студентите се јавуваат отпори во ваквиот начин на комуницирање:

„ Постојат генерациски и технолошки јазови. Не само во нашата образовна институција, и на другите се случува повозрасните професори помалку да ги користат овие двонасочни комуникациски платформи, а помладите многу повеќе. Исто така има и повозрасни студенти кои не ги користат овие платформи. Се наоѓаме во транзиционен процес како и во многу други сфери. Дигиталните платформи многу брзо навлегоа во нашите животи. Постои едноставно отпор, незнаење, понекогаш и само страв од тие платформи, зошто тие се релативно апстрактни. Секој што не навлегол во работите има некаков страв од компјутерите. Во суштина тие не се ништо поразлични од обичен телефон. Само што тука имаме видео врска и можеме да си предаваме фајлови. Најголемиот проблем се појавува токму поради стравот од самите платформи, а не поради нивната комплицираност.“

Недоволна заинтересираност на студентите!

Straßenkind in Skopje, Mazedonien

Можностите на интернетот се големи. Има професори кои на студентите им посочуваат одредени интернет адреси како дополнителни материјали за подготвување на испитите. Ги користат ли студентите тие материјали?

„ Мислам дека студентите не вложуваат толку многу труд, колку во директниот интерперсонален однос. Се случува тие многу лесно ги сфатат тие платформи и ако задачата е дадена на интернет таа можеби и не мора да биде завршена. Самата платформа, интернетот е една таква сфера која е послободно регулирана или нерегулирана и на студентите им дава чувство дека се послободни на таа платформа. Искуствата покажуваат дека многу често студентите не го давааат истиот квалитет на труд во интерперсонална комуникација и во комунакација преку сите дигитални платфоми. Значи студентите се заинтересирани, но не сите и не доволно. Затоа е потребен еден меѓу едукациски процес кои ќе им објасни дека тоа е само еден обичен канал и дека обврските и правата остануваат исти“, истакнува Зоран Ричлиев.

Ова го потврдува и Марија од правниот факултет: „Особено со новиот систем на студирање, многу малку се трудиме да извлечеме информации надвор од литературата која ни е достапна на факулетет. Така е бидејки веројатно сме мрзеливи генерации или пак зошто со толку можеме да поминеме.“

Автор: Владимир Калински

Редактор: Жана Ацеска