1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Професијата пијанист е привилегија

Алфред Брендел е еден од најзначајните пијанисти во светот. Австрискиот виртуоз од самите почетоци на својата кариера свирел само одбрани дела, од композитори како Шуберт, Лист, Бузони, Моцарт и Бетовен.

default

Концерт на пијанистот Алфред Брендел во Виена

Според најценетиот германски музички критичар Јоахим Кајзер, австрискиот пијанист Алфред Брендел е најзначајниот интерпретатор на делата на Шуберт, во втората половина на 20 век. На неговите сонати, импромпти и други дела за клавир, Брендел им пристапуваше критички и со љубов.

Љубов кон естетиката

Pianist Alfred Brendel liest in München

Брендел ги отсвирил сите дела од Бетовен за клавир и објавил плоча

На 18 декември 2008 година Брендел го одржа последниот јавен концерт, после речиси 60-годишна кариера. Тој е роден на 5 јануари 1931 година во северноморавскиот град Визенбург, на 6-годишна возраст за првпат посетува настава по клавир, а подоцна студирал во Грац и Виена. Првата освоена награда на меѓународниот натпревар за клавир Бузони, во 1949 година во Боцен, за младиот пијанист беше почеток на долгогодишната кариера.

„Јас почувствував дека имам талент кога имав 20 години, како и должност да се усовршувам“, вели Брендел.

Од самиот почеток, младиот пијанист свирел само одбрани дела, од композитори како Шуберт, Лист, Бузони, Моцарт и Бетовен. Брендел е првиот пијанист кој ги отсвирил сите дела од Бетовен за клавир и објавил плоча.

Алфред Брендел свирел речиси 60 години во сите големи концертни сали во светот, држел часови по клавир или работел како продуцент на плочи. Но, пијанистот вели дека покрај музиката се занимавал и со други работи:

„Покрај читањето, секогаш чувствував потреба да пишувам, а кога бев млад исто така цртав. Во последно време сакам да гледам, посетувам музеи, изложби, всушност ме интересира се‘ што е естетски, како и филмовите и театарот.“

Убавите дела се извор на енергија

29.05.2010 DW-TV KULTUR 21 Adrian Brendel

Брендел настапува заедно со неговиот син, челистот Адријан Брендел

Голема поддршка за Брендел отсекогаш е и неговото семејство. Со неговиот син, челистот Адријан Брендел, пред пет години ги сними сонатите за чело од Бетовен, и денес се‘ уште настапува со него, но не како придружба на клавир, туку како читач. За разлика од некои негови колеги, Брендел никогаш немал криза во уметничкото творештво:

„Ако ги свирите вистинските дела, со кои е задоволство да се живее, тогаш тие се вашиот извор на сила, кој постојано ослободува нова енергија и ги регенерира силите на пијанистот. Затоа оваа професија претставува привилегија.“

Иако Брендел се повлече од сцената, тој и натаму е активен во наставата и го пренесува своето знаење на младите пијанисти:

„Не се сметам за учител во академска смисла, исто така никогаш не бев вработен во некоја образовна институција, тоа би било сосема спротивно на мојата природа. Но, во меѓувреме, им помагав на младите пијанисти, секогаш кога можев, како постар и поискусен колега, кој сепак понекогаш е многу детален. Како искусен човек точно знам каква е природата на деталите, кои се подеднакво значајни како и целината.“

Автор: Клаус Герке / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска