1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Противречни информации од Кавказ, заострување на тонот меѓу САД и Русија

Противречни информации за развојот на конфликтот на Кавказ на воен план, се интензивираат дипломатските напори за негово решавање, а тонот меѓу Вашингтон и Москва е се‘ поостар.

default

Се повлекуваат ли руските трупи?

Од регионот на Кавказ доаѓаат противречни информации околу воените акции. Беше најавено повлекување на руските трупи од грузискиот град Гори, како и од пристаништето Поти во Грузија, но грузиските медиуми тврдат дека руската војска повторно навлегла во овие градови. Русите ги демантираат грузиските наводи. И агенциите велат дека е тешко објективно проценување на ситуацијата, поради едностраните извештаи од теренот од двете страни. Рускиот претседател Димитри Медведев на отцепените региони од Грузија, Абхазија и Јужна Осетија, им вети целосна поддршка. Денеска тој се сретна со претставниците на двата региона, уверувајќи ги - позициите на Русија нема да се променат. Грузискиот парламент пак денеска донесе одлука за истапување на земјата од заедницата на држави, ГУС во знак на револт поради конфликтот.

Заострени тонови меѓу Вашингтон и Москва

Конфликтот во Кавказ го заостри дипломатскиот тон меѓу Вашингтон и Москва. Американскиот претседател, Џорџ Буш, премина во дипломатска офанзива - од Русија побара да се држи до нејзините ветувања и до прекинот на огнот. За заштита на слободна Грузија САД зад себе ќе го соберат целиот слободарски свет, изјави Буш. Во знак на поддршка на владата на Грузија, тој ја испрати министерката за надворешни работи Кондолиза Рајс во Франција, каде таа веќе ги започна разговорите со францускиот претседател, Никола Саркози околу мировниот план на ЕУ. Потоа таа ќе отпатува за Тбилиси. Пред да замине за Европа, Рајс, со исклучително остар тон и‘ се обрати на Русија и рече дека доколку Москва го прекршува прекинот на огнот, тоа само ќе ја води Русија кон натамошна излоација:

„Ова не е 1968-та година и инвазијата врз Чехословачка, кога Русија им се закануваше на соседите, го окупираше главниот град, ја симна владата и се извлече. Работите се променија.“

Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, пак на ваквите тонови од Вашингтон одговара со барање – САД да бираат меѓу поддршката за грузиското раководство и вистинското партнерство со Русија:

„Сите пишуваат за тоа дека грузиското раководство е специјален проект на САД и сфаќаме дека САД се загрижени за тој проект. Но, еден ден ќе мора да бираат меѓу поддршката на виртуелниот проект и вистинското партнерство кога станува збор за прашања кои бараат навистина колективно дејствување“, изјави Лавров.

Европски посредувачки напори

Франција пак во меѓувреме најави дека мировниот план за Грузија уште до крајот на оваа недела ќе го достави пред Советот за безбедност на ОН.

На вчерашната седница министрите за надворешни работи на ЕУ во завршната декларација не ја критикуваа ниту Русија ниту Грузија, а беше иницирано испраќање европска мисија во кризниот регион, во форма на набљудувачи и помош. Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер денеска пред Одборот за надворешна политика на германскиот Бундестаг на вонредната седница посветена на конфликтот во Кавказ, го бранеше умерениот став кон Русија.Приоритетна цел е стабилизирање на регионот,а не наоѓање на виновниците, изјави Штајнмаер, иако мора да го критикуваме тоа што заслужува критика, а неопходен е дијалог меѓу двете страни.