1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Протест на СДСМ против отфрлената пријава против Вељаноски

Пратеници од опозицијата протестираа поради отфрлувањето на кривичната пријава што тие ја поднесоа против претседателот на Собранието Трајко Вељаноски по настаните од 24 декември.Тој пак го обвини СДСМ за притисок.

Во знак на протест, претставници на коалицијата Сојуз за иднина, предводена од СДСМ, денеска беа собрани пред Јавното обвинителство.

„Пред неколку дена бевме информирани дека кривичната пријава која ја поднесовме сите пратеници од опозицијата против претседателот на Собранието, Трајко Велјановски, заради настаните од 24 декември минатата година, се отфрлува од страна на Обвинителството. На Обвинителството му беа потребни помалку од три месеци за брзо да го ослободи Трајко Велјановски од одговорност за се’ она што под негова палка се случуваше во македонското Собрание“, изјави денеска пратеничката Радмила Шеќеринска.

Според неа, грубото кршење на Уставот, на законите, на Деловникот за работа на Собранието, не беше доволен факт за обвинителството.

„Со ова Обвинителството уште еднаш покажа дека во Македонија институциите систематски се уриваат и се ставаат во функција на партиски цели“, изјави Шеќеринска. Пратеничката на СДСМ смета дека оваа одлука на Обвинителството би можела на некој начин да ја прејудицира и одлуката што би ја донела независната Комисија за испитување на настаните од 24 декември.

„Се разбира, затоа што Обвинителството немаше сила дури ни да остави судот да донесе одлука, но факт е дека оваа брзина од страна на обвинителството - со светлосна брзина да ја донесе својата одлука, како да сака да ја заврши работата на уште неформираната анкетна комисија“, рече Шекеринска одговарајќи на новинарско прашање.

Вељаноски: СДСМ врши политички притисок врз институциите

Mazedonien Zwischenfall im Parlament von Skopje

24 декември, македонски парламент, архива

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски во денешната реакција за протестот на опозицијата пред зградата на Јавното обвинителство наведува дека тоа е веќе виден обид на СДСМ за вршење политички притисок врз институциите, на службениците и на овластени лица кои работат во нив.

„Во изминативе недели бевме сведоци на агресивно однесување и пред надлежните институции во Штип и другите градови. Овој континуиран и оркестриран притисок СДСМ го прави и кога од други бара одговорност и кога самите се предмет на кривични одговорност и поднесени кривични пријави. Затскривањето зад актуелната политичка кампања и зад одамна спреманото, но за среќа небулозно сценарио за дестабилизирање, во кое на прво место е предвиден божемен отпор, односно свесно планирани провокации и инциденти пред и во институциите, нема никого да го амнестира од одговорноста за сопственото постапување“, посочува Вељаноски.

Затоа, кога ваквата одговорност е предмет на разгледување, сосема е упатно во контекст на настаните во Собранието да се разгледа насилното однесување на дел од пратениците од опозицијата кои спречуваа службено лице во вршење на службено дејствие, односно примената на членот 382 од Кривичниот законик во кој е предвидена казна затвор до три години.

„Во однос на тоа што навистина е срамота во македонската политика, на испуканиот политички ќор фишек, Шекеринска, на која не и‘ е првпат неволно врвот на СДСМ да ја расшетува пред институциите кои се бават со примена на правото, би и‘ порачал дека е голема срамота големиот поборник за ЕУ, како што таа на Брисел му се прикажува, на дневна основа да биде активист и практикант на старата метода на замена на тезите и замената на нападнатите со напаѓачите и се‘ друго што оди со ова болшевичко сценарио“, пишува во реакцијата претседателот на Собранието Вељаноски.