1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Протестно патување на бегалците низ Германија

Бегалците во Германија се борат за подобри животни услови. За таа цел 15 бегалци кон крајот на февруари тргнаа на еден вид протестно патување кое носи име „Бегалци, револуционерна турнеја со автобус“.

Организаторите на протестот имаат намера до крајот на март да посетат 22 града во кои се наоѓаат бегалски кампови, за да вклучат што повеќе луѓе во борбата за промена на престрогите германски закони за бегалци.

Незадоволството на бегалците не е без причина. За тоа, меѓудругото, говори и податокот дека барателите на азил во Германија не можат слободно да се движат низ земјата, бидејќи им е забрането да ги напуштаат своите кампови.

Таквите строги правила не можеше да ги издржи Мохамад Расепар од Иран кој пред една година изврши самоубиство, откако му беше одбиено барањето од Баварија да се пресели во Кил, каде живеела неговата сестра.

Тогаш беше родена идејата за протестна прошетка низ Германија, а една од целите е целосно укинување на забраната за движење.

„Имаме три барања: укинување на забраната за движење, затворање на бегалските кампови и укинување на депортацијата“, вели Тургај од Турција, кој

избегал во Германија откако во Турција како марксист минал 15 години в затвор.

Меѓу организаторите на протестот е и 28 годишниот Махади од Судан кој се најде под силен притисок на суданските власти откако неговиот татко се поврзал со тамошните бунтовнички групи. По неколку месеци минати во затвор, Махади побегнал во Европа.

„Бев во неколку европски земји. Беше тоа ужасно патување. Германија е најлошата земја која досега сум ја посетил“, вели Махади додавајќи дека во оваа земја бегалците со години се држат во кампови без работа или организирано образование.

Лоши услови во камповите

Учесниците на протестот се борат и за подобри услови во самите кампови, меѓу другите и во оној во Хесен каде собите за околу 200 бегалци се премали, а нема ни основни хигиенски услови.

Во еден од тие кампови е и 18 годишниот Пекан од Авганистан кој оди во средно техничко училиште.
„Тешко е да се биде ученик во бегалски камп. Во 11 часот навечер сакам да имам малку мир, но тогаш е многу бучно, и вообичаено многу луѓе пијат алкохол“.

Организаторите на протестот минатиот викенд беа во бегалскиот камп во Оберурсел, која беше нивна 11 станица, а собирот со кој ќе се заокружи протестот е закажан за 23 март во Берлин.