1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Протестно движење без лидер

Протестите против египетскиот претседател продолжија. Демонстрантите протестираа на повеќе места, бидејќи полицијата преземаше мерки при секој обид за групирање. Меѓународниот притисок врз претседателот Мубарак расте.

default

Протести против режимот на Мубарак

„Ние сме ваши египетски браќа“, им довикуваа вчера вечер демонстрантите на полицајците во центарот на главнот град Каиро. На една сообраќајница покрај реката Нил се собраа повеќе стотици демонстранти, кои се обидуваа да ги пробијат полициските барикади и да стигнат до седиштето на владејачката партија на Египет. При тоа тие извикуваа пароли како: „народот сака да го собори режимот“.

Полицијата брутално ги задушуваше сите протестни собири и ги растураше демонстрантите со водени топови, солзавец и гумени палки. Во некои ситуации полициските сили користеа и гумени куршуми. Во судирите, според официјални извори, животот го загубија еден демонстрант и еден полицаец, со што вкупниот број жртви се искачи на шест.

Демонстрации во помали групи на повеќе места

Proteste in Ägypten gegen Mubarak Regime Kairo

Египет

Наспроти ваквата бруталност на полицијата, демонстрантите не се повлекоа, туку се собираа од ново на други места. Една млада Египќанка вели: „Не сакаме да не’ владеат ниту Мубарак, ниту неговиот син. Им порачуваме дека нема да запреме се’ додека тие не си заминат.“

Гневот и фрустрацијата на граѓаните на Египет се очигледно големи. Нив не ги смирија ни најавите на владата дека размислува за зголемување на платите и за нови субвенции за прехранбените производи. Но, дури и на оние кои малку се интересираат за политика им е јасно дека не станува збор за некакви корекции на владината политика, туку за длабоки реформи.

Освен во Каиро, протести имаше и во пристанишниот град Суец, како и во градот Асијут. Во Суец протестите ескалираа откако полицијата се обиде насилно да растури комеморативен собир за четворицата демонстранти, кои ги загубија животите во протестите од претходниот ден. Разлутената маса при тоа ја нападна зградата на општинската управа и ја запали.

Опозицијата нема водечка фигура

Протестите ги организираат повеќе политички сојузи и невладини организации. Информациите за протестните собири се шират најмногу преку интернет платформите како фејсбук и твитер, поради што режимот на Мубарак во повеќе наврати го прекинуваше пристапот до светската компјутерска мрежа. Во Каиро беа уапсени и повеќемина новинари, на кои власта им префрла дека ги поддржале протестите и придонеле за хаосот на улиците.

Ägypten Kairo Proteste Demonstranten Polizei Flash-Galerie

Египет

Се чини дека до сега нема централно раководство на бранот протести, но тоа би можело да се смени кога на следните демонстрации закажани за в петок ќе се појави реформски ориентираниот политичар Мохамед Ел Барадеи. Тој беше долго на чело на Меѓународната агенции за атомска енергија и ужива голем углед кај западните политичари.

Во меѓувреме расте и меѓународниот притисок врз власта на Хосни Мубарак. Шефицата на американскиот Стејт департмент, Хилари Клинтон, синоќа порача: „Се надеваме дека египетската влада ќе ја искористи оваа прилика за воведување политички, економски и социјални реформи, со што ќе им одговори на легитимните интереси на египетскиот народ.“

Автор: Јирген Стријак/ Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема