1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Протести против одлуката за укинување на веронауката

Камбаните биеја против одлуката на Уставниот суд за укинување на предметот веронаука во основните училишта. Напладне, православните храмови изразија протест и се огласија во поддршка на повторно воведување на предметот.

default

Камбаните биеја во знак на протест

Во исто време со биењето на камбаните, по улиците на Скопје група таксисти правеа бучава со сирените на нивните автомобили со цел, како што најавија, да се разбуди свеста на оние кои се обидуваат да го оттргнат Бога од децата. Уставниот суд, на седницата на 15 април, го укина членот 26 од Законот за основно образование, со кој се овозможува организирање верско образование како изборен предмет во основните училишта. Тоа предизвика бурни реакции и барања за повторно враќање на веронауката во образованието.

На кој начин да се спроведе тоа, дали МПЦ ќе бара промена на уставот што ја ограничува можноста основците да изучуваат веронаука? Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, на ваквото прашање одговара со зборовите: „Па, веројатно ќе треба да се отстранат пречките, доколку ги има, кои доведоа до донесување на ваква одлука на Уставниот суд. Светиот архиерејски синод и другите цркви и верски заедници веројатно ќе имаат заедничко барање, а какво ќе биде тоа, ќе треба да причекаме неколку дена“. На прашањето зошто МПЦ досега не организирала верски училишта, кога тоа го дозволува Уставот, туку сега сака преку државата да ја оствари својата цел, поглаварот вели: „Обично сите работи не се случуваат кога сакаме, туку кога ќе се исполни времето, како што се случило и со Христовото доаѓање и со многу доаѓања и случувања во животот на народите, на

Ostern in Mazedonien

Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан најавува заедничко барање на верските заедници

човештвото и на секој човек посебно“, појасни Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.

Масло на огнот

Зовриените верски страсти во Македонија дополнително ги разгоруваат две одделни иницијативи - владината, за изградба на црква на плоштадот, и барањето на една невладина организиција, поддржана од Исламската верска заедница, за изградба на џамија - исто така на скопскиот плоштад. Денеска (24.04.2009) иницијаторите симболично делеа баклава на определената локација за да го актуелизираат барањето.

„Ние одбравме на свечениот ден на муслиманите, Џума да го организираме овој настан. Целта ни‘ беше да промовираме еден помалку познат рецепт на турска баклава, која се вика Бурмали-баклава, а со тоа да го промовирме и местото на Бурмали-џамијата и нејзиниот историјат. Веруваме дека таа џамија во многу блиска иднина ќе се изгради повторно тука, кај Камениот мост“, вели Рамадан Рамадани од Одборот за изградба на Бурмали-џамијата на плоштадот Македонија. Владата, во истовреме, поведе интензивна медиумска кампања за запознавање на јавноста со планот за изградба на црквата „Свети Елена и Константин“, на потегот меѓу плоштадот и Градскиот трговски центар. Секоја поголема европска метропола има црква на главниот плоштад - гласи еден од главните аргументи за возобновување на овој некогашен храм, урнат во времето на комунизмот.


Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска