1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Протести против исламизација на Турција

Доколку премиерот Ердоан навистина се реши да стане претседател, ни масовните протести нема да го спречат неговиот избор

Од протестите во Анкара

Од протестите во Анкара

Со наближувањето на изборот на претседател во Турција расте стравот од исламизација на земјата. Залагајќи се за стриктна одвоеност на религијата од државата, вчера повеќе стотици илјади луѓе на улиците на главниот град Анкара протестираа против можната кандидатура на актуелниот, исламски ориентиран премиер Реџеп Таип Ердоан. Демонстрантите со огромни државни знамиња ја искажаа загриженоста дека премиерот Ердоан како евентуален иден претседател на земјата би ги поткопал таканаречените кемалистички вредности, односно лаицизмот и силната армија.

Многубројни говорници нагласија дека во Турција религијата е одвоена од државата и со пароли дека “утре веќе може да биде доцна” укажуваа на опасноста од исламизација: “Овде сме за да покажеме дека се залагаме за основните вредности на републиката, принципите на модерна, лаицистичка Турција”, “Цел ни е да ја спасиме републиката”, “Претседателот на смее да биде избран од АКП, тоа е толку јано и недвосмислено. Тоа го покажуваат и сиве овие луѓе овде” – рекоа некои од демонстрантите.

Избор на претседател врши парламентот. Во него исламско-конзервативната Партија на праведноста и развојот АКП на премиерот Ердоан има убедливо мнозинство, па нејзиниот кандидат – Ердоан или кој и да е друг – секако ќе го добие неопходниот број на гласови. Големиот протест, всушност, не може да спречи некој повеќе или помалку религиозен политичар да стане претседател. Ердоан досега не се искажа дали воопшто сака да се кандидира. Постапката започнува утре и партиите во рок од 10 денови треба да ги номинират своите претседателски кандидати.

Составот на учесниците на вчерашната демонстрација наречена “Републиканска средба” беше изразито хетероген – од најголемата парламентарна опозициона партија, преку здруженија на револуционерни работнички сојузи, до националистичкото здружение за негување на идеите на основачот на Републиката Кемал Ататурк, кое раководеше со манифестацијата.

Иако не дојдоа очекуваните еден милион луѓе, масовната демонстрација јасно покажува колку е земјата поделена: наспроти републиканците се приврзениците на Ердоан, кои навистина се многу религиозни, но често пати и значително полиберални, отколку приврзаниците на принципите на Ататурк.