1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Протести против исламизацијата на Египет

Со масовни протестни маршеви и медиумски штрајк опозицијата отвора фронт против против плановите за исламизација на Египет. Предлогот на претседателот Мурси за дијалог е одбиен, се‘ погласно се бара негова оставка.

Под мотото „Последно предупредување“, широкиот спектар на египетската опозиција уште еднаш изведе ефикасен протест против спорниот нов устав на земјата и зголемените овластувања на исламистичкиот претседател Мохамед Мурси. Пред претседателската палата во Каиро демонстрантите синоќа го пробија заштитниот кордон на безбедносните сили, активисти продреа пред работниот кабинет на Мурси и пред неговата куќа во едно предградие. На транспарентите пишуваше: „Не за уставот“ и „Долу тиранијата“.

Десетици илјади демонстранти извикуваа: „Мурси, излези надвор, разговарај со народот“ и „Пад на режимот“. Полицијата употреби гумени палки и солзавец против насобраната маса. Повторно дојде до улични судири, во кои се ранети најмалку 18 луѓе. На протести повикаа повторно либералите, христијаните и револуционерните групи.

Вчера (04.12) не излегоа најмалку 11 весници, новинарите се придружија на протестите. Онлајн изданието на независниот дневен весник на англиски јазик „Ал-Масри ал-Јоум“ во знак на протест против авторитарниот раководен стил на претседателот делумно излезе во црна боја. И приватните телевизии сакаат да се приклучат кон бојкотот.

Исламистите се закануваат

Партијата на Муслиманските браќа ги повика демонстрантите да останат мирни. Опозиционите водачи, како носителот на Нобеловата награда за мир, Мохамед Ел Барадеј и политичарот Хамдиен Сабахи, се лично одговорни демонстрациите да останат мирни, предупредија исламистите. Тие го истакнаа фактот што акциите на Муслиманските браќа на викендот поминаа без насилство.

Медиумите, повикувајќи се на најблиското опкружување на Мурси, јавуваат дека претседателот врши консултации со највисоките египетски политичари во врска со кризата, но на нив не учествувале важните опозициски активисти.

„Претседателот ја отвори вратата за дијалог, но досега никој не одговори“, се вели од владини извори во Каиро. Според нив, од претставниците на демонстрантите доаѓа само потсмев. Портпаролот на Мурси, Јасер Али, на својата Фејсбук страница објави информација за средба на повеќе членови на кабинетот заради подготовки за референдумот за уставот.

На пат кон „божја држава“

Protestbanner auf dem Tahrirplatz

Плакат на плоштадот Тахрир: „Допретседателот на Муслимански браќа - не заборавај ги 49-те проценти што не гласаа за тебе“

За новиот устав на Египет треба да се одлучува на 15. декември. Во него содржаното проширување на влијанието на исламистичките духовници отвора стравување дека тој може да биде прв чекор кон верска држава. Предлогот на уставот минатата недела беше усвоен во итна постапка од тело во кое доминираат Муслиманските браќа и салафистите. Документот им дава уште поголема тежина отколку досега на шеријатското право и исламските претставници при донесувањето на законите.

Најновата ескалација во Египет беше испровоцирана од уставните декрети на претседателот Мурси. Со нив тој ги прошири своите овластувања на сметка на судството.