1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Протести на ДУИ

Протестите ќе траат се додека претседателството на партијата не донесе поинаква одлука

Али Ахмети

Али Ахмети

Досегашната владеачка партија, Демократската унија за интеграција – протестира. Идните коалициони партнери, ВМРО ДПМНЕ и ДПА ги продолжуваат разговорите за министерската распределба во новата влада. Дали е тоа конциденција или совпаѓањето е јасен и недвосмислен политички “дил“ и порака на мандатарот Груевски дека ќе состави влада и без учество на приврзаниците на Али Ахмети? Неговата ДУИ од денеска се реши за еднонеделна блокада на северозападна Македонија – секој ден половина час. Малубројни групи, со повеќе возила и транспаренти на кои е испишано “Следете го легитимниот глас на Албанците“, ги блокираат и магистралните патишта. Овој легитимен модел на демократски и политички притисок не го спорат ни влијателните амбасадори во Скопје, иако ставот на САД и Германија е сосема јасен – македонскиот мандатар е тој што ќе ги избере своите владини сојузници. Незадоволните “интегративци“ одговараат:

“Мандатарот мора да го респектира гласот на Албанците“, вели еден од групата млади интегративци кои стоеја наспроти македонската влада.

Протестите на ДУИ продолжуваат и утре, вели потпретседателот, Рафиз Алити:

“Протести ќе има и следните денови, се додека централното претседателство на партијата не донесе поинаква одлука“.

Блокадите на патот Тетово-Гостивар запреа еден автобус со нервозни грчки туристи кои патуваа кон Охридското езеро. Реагираа и дел од патниците кои патуваа кон северната граница и преминот Табановце. Еве го ставот на еден Кумановчанец од “интегративците“, Немет Бајрами:

“Сигурно дека ќе го изразиме нашиот револт“, вели Бајрами, кој е убеден дека со блокадите ДУИ ќе успее да изврши притисок и да остане во власта.

На блокадите во влезот на скопски Сарај, и пратеникот од ПДП, Блерим Беџети:

“Нашите активности се координирани на ниво на коалиција ДУИ-ПДП“.

Учеството на Беџети на блокадите е знак дека ПДП сеуште не ја прифаќа или ќе ја одбие понудата на Никола Груевски – тројцата пратеници на ПДП да се приврзат кон владината коалиција и мнозинство.