1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Протести во Скопје против апсењата за петкратното убиство

Неколку илјади луѓе, претежно Албанци, протестираа пред судскиот комплекс и зградата на Владата против апсењата на осомничените за петкратното убиство. Протестот мина со помали инциденти.

Неколку илјади луѓе денеска протестираа во Скопје под мотото „Стоп за монтираните случаи“, против апсењето на осомничените за петкратното убиство кај Смиљковско Езеро. Протестот започна по петочната молитва во Јаја Паша џамијата, па продолжи кон Бит Пазар и зградите на судовите, а заврши пред зградата на Владата.

Демонстрантите, мнозинството млади луѓе, извикуваа „Алах е голем“ и „Албанците не се убијци“.

Протестот мина со неколку инциденти, откако демонстрантите најпрво се обидоа да го пробијат полицискиот кордон пред судовите, а потоа фрлаа со камења по владината зграда и полицајците.

Според информации од македонските медиуми, неколку стотици демонстранти по завршувањето на протестот се упатиле пред зградата на општина Чаир, каде барале од градоначалникот да им одговори „зошто биле апсени невини луѓе за убиствата“. Демонстрантите оштетиле и неколку прозорци на зградата.