1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Протести во Русија - „Марш на милионите“ против Путин

Десетици илјади противници на руската влада се собраа во Москва на протестен марш против шефот на Кремљ, Владимир Путин. Илјадници полицајци беа ангажирани за одржување на редот.

Поделената опозиција се организираше во групи за т.н. „Марш на милионите“ против Путин, властите издадоа дозволи за околу 25 илјади учесници, додека опозицијата побара дозвола за над 50 илјади луѓе. Освен левите, десните и либералните групи, на протестите учествуваа и хомосексуалците и лезбејките. Симпатизерите на панк групата „Пуси Рајот“ протестираа со шарени балони за ослободување на трите затворени членови и на други политички затвореници. На чело на протестот маршираа познати личности кои се противници на владата, како екс-светскиот првак во шах Гари Каспаров, поранешниот заменик-премиер Борис Немцов и блогерот Алексеј Навални.

За првпат и Комунистичката партија се приклучи кон демонстрациите, поради кои властите првпат ги блокираа улиците во центарот на градот. На плоштадот Пушкин беа поставени метални огради покрај улиците, а по патеката по која одеа демонстрантите полицијата ги отстрани паркираните возила. Полицијата соопшти дека на масовните демонстрации се собрале само околу 11 илјади учесници, додека водач на опозицијата зборува за околу сто илјади демонстранти.

Власта презеде опсежни подготовки и за обезбедување на демонстрациите, најголеми во последните три месеци, ангажираше над седум илјади полицајци.

Протестот „Марш на милионите“ бара социјални и политички реформи, како и обезбедување простор на телевизијата за противниците на владата, изјави Сергеј Удалзов, еден од водачите на опозицијата. Целта е ограничување на моќта на претседателот на државата и подготовка на слободни избори.

Исфрлањето на опозициониот политичар Генади Гудков од државната Дума дојде во перфектно време за протестите на опозицијата. Шефот на парламентот Сергеј Нарушкин го потпиша декретот за поништување на мандатот на Гудков. Одлуката за тоа веќе претходно ја донесе Думата во која доминира владејачката партија „Обединета Русија“. Официјалното образложение гласи: нелегални споредни заработувачки на пратеникот. Гудков, напротив, тврди дека се работи за политички мотиви, поради тоа што тој е коорганизатор на масовните протести против руската влада.