1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Протестите да бидат мирни, а институциите неутрални

Граѓаните да демонстрираат смиреност, а институциите максимална транспарентност и воздржано однесување, алармираат аналитичарите по најавите за нови протести во Македонија против полициската акција „Монструм“.

Аналитичарот Алберт Муслиу смета дека правото на протест е нормална демократска појава на изразување на незадоволство, но во услови кога премиерот Никола Груевски и останатите политички фактори во земјата излегуваат со умерени и смирувачки пораки, не гледа простор за посериозен израз и реакција како минатонеделните протести:

„Мислам дека недовербата и поранешните искуства се исто така дел од недовербата која постои кај граѓаните и секое невнимателно однесување на институциите им дава можност на одредени групи да привлечат повеќе граѓани за нивни цели и на нивни протести. Ако институциите во идниот период бидат транспарентни, професионални и неутрални, мислам дека можноста на различни интересни групи да привлечат внимание или поголема поддршка од граѓаните ќе биде се‘ помала и помала“, вели Муслиу.

Корените се од поодамна

Аналитичарот Петар Арсовски пак смета дека актуелната ситуација влече подлабоки корени и главно е резултат на длабоката поделеност на општеството околу клучните стратешки прашања што се рефлектира и во владата. Серијата инциденти што кулминираа со двојното убиство во Гостивар и петкратното кај Смилковци, според него можеби имаат меѓуетнички призвук, но се настани по кои секој од партнерите во власта гради став за сопствениот електорат и немаат заеднички став:

Mazedonien Skopje Proteste nach der Ermordung von fünf Jugendlichen

Протести во Скопје по убиството на петмината Македонци кај Смиљковско езеро

„ Со тоа тие не инвестираат во меѓуетничката доверба доволно и цената ја плаќаме сега, кога ќе дојде еден настан кој во основа не би требало да не‘ поремети како општество, но ќе ја платиме цената бидејќи овие деца сега нема да протестираат само за односот кон исламски радикализам, условно речено, туку и затоа што се чувствуваат заложници подолго време, затоа што им пречи ескалацијата на меѓуетничките односи подолго време. Ние сега ќе почнеме да ја плаќаме цената за она што не сме го инвестирале претходно. Тие протести не можат да бидат само политички инструирани, мора да имаат и автохтона заднина и не можат да бидат само за еден инцидент, туку мора да влечат корен од една подалечна хронологија“.

Полицијата е на штрек

Полицијата внимателно ја следи состојбата. Освен преку социјалните мрежи кои се надгледуваат и овој пат како и минатата недела не добиле пријава за одржување протест, ниту пак информација за начинот како евентуалните организатори би се грижеле за неговото обезбедување :

„Од полициски аспект се преземаат сите неопходни мерки и активности за соодветно обезбедување на протестот, превенција на какво било посериозно нарушување на јавниот ред и мир или безбедноста и се разбира , доколку дојде до некаква несакана ситуација, брзо реагирање и приведување на лицата кои што би го нарушиле јавниот ред и мир или пак би направиле некое кривично дело кое што е казниво согласно законите на Република Македонија“, изјави за Дојче веле портпаролот на МВР, Иво Котевски.

На посебна будност и внимателност сугерираат и гласините во јавноста за појава на вооружени групи во тетовската околина. Одговорот на МВР за ваквите информации е дека состојбата се следи и по потреба ќе се делува. За секоја информација од ваков вид порачуваат да биде пријавена.