1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Протераните Македонци од Грција не се откажуваат од имотите

До денес нема ниту еден решен случај пред суд во Грција за враќањето на имотите на Македонците, вели за ДВ д-р Никола Костурски, претседател на Заедницата на организациите на етничките Македонци протерани од Грција.

default

Решавањето на имотното право во една држава е многу тешко, а уште потешко кога тоа право треба да се побара во друга држава, во која се‘ уште се на сила низа дискриминаторски закони со коишто им е одземен имотот на Македонците со потекло од егејскиот дел од Македонија, вели д-р Никола Костурски: „Затоа ние како Mакедонци не можеме да ги оствариме тие права.“

Протераните Македонци од Грција не се откажуваат од нивните барања за враќање на имотите, објаснува претседателот на Заедницата на организациите на етничките Македонци протерани од Грција.

Нема напредок во постапката за враќање на имотите

„Формирана е комисија, којашто има ангажирано адвокатска канцеларија која ќе ги брани правата и ќе се грижи за враќањето на имотите на Македонците со потекло од Егејска Македонија. Одбрани се педесет случаи со целосна документација, тапии, издадени од грчки катастари и дадени на разгледување таму. Тоа е макотрпна работа којашто ќе трае со години. Досега, откако од пред две години се ангажирани тие адвокати, немаме некаков резултат.“

На прашањето зошто нема напредок во овие случаи, Костурски одговара:

„Па такви се грчките судови, тие ја влечкаат работата за да не ја решат, дури да дојде до Врховен суд ќе поминат години.“

Надежта се гледа во интеграцијата на Македонија во ЕУ

Тој не верува многу дека постапката што се води во Грција ќе донесе резултати, но сепак има надеж.

„Надежта никогаш не умира, таа умира последна. Ние се надеваме дека со влегувањето на Македонија во ЕУ, кога таа ќе биде рамноправен член со Грција и кога ќе можеме сите да одиме таму да вадиме изводи од матичната книга на родените, да бидеме европски граѓани, мислиме дека Грција ќе мора еден ден да ги укине тие дискриминаторски закони.“

На прашањето дали постои проценка на тоа колку имоти се побаруваат назад и колку изнесува нивната вредност, д-р Никола Костурски вели:

„Тешко може да се направи таква проценка, такви пописи на имотите во овие простори на Македонија, во составот на бившата југословенска федерација се правени неколку пати. Последниот е направен сега, пред три години. Луѓето веќе не веруваат во тоа што им се ветува и бара, тие се скептични кон тие инцијативи. Покрај сето ова, ние собравме околу 20.000 побарувања.“

Досега никој не успеал

Дали има поедници кои успеале да го вратат имот?

„Такви нема. Еден случај, којшто индивидуално се водеше, ги помина сите инстанци во Грција за враќање на имотот во Чеган. Бидејќи беше одбиен од сите судови во Грција, тој на крајот поднесе барање во Стразбур, и тоа не се реализира. Има случаи каде што браќа од коишто едниот живее во Грција, а другиот тука, спогодбено си го поделија имотот и го продале својот дел на братот. Случаи добиени пред судот нема.“

Д-р Никола Костурски се надева дека најавеното обединување на сите организации и здруженија на етничките Македонци протерани од Грција, во една единствена координативна конференција ќе доведе до водење на една заедничка политика за спроведување на нивните барања и права.