1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Простор има, но трета опција нема

Граѓаните кои се главно незадоволни од политиките на двете водечки партии ВМРО ДПМНЕ и СДСМ повеќе сакаат да не излезат на гласање, отколку да и‘ дадат доверба на трета политичка опција. Зошто „третиот“ не успева?

Последните неколку изборни процеси покажаа дека помеѓу 700 и 900 илјади гласачи воопшто не учествуваат на изборите, што е показател дека во земјата има простор за трета опција. Но, сепак, во изминатите две децении ниту една не се наметна сериозно, а за позначајна поддршка од граѓаните не станува ниту збор.

Експертите сметаат дека ваквата ситуација на своевиден парадокс е резултат на менталитетот на граѓаните, но и недоволното познавање на изборниот систем во земјата. Универзитетскиот професор Здравко Савески предупредува дека кај „незадоволните“ доминира мислењето дека доколку гласаат за трет, гласот ќе им пропадне. Граѓаните, според него, се очигледно несвесни дека пропорционалниот систем, каков што е во Македонија, има помалку пропаднати гласови од мнозинскиот:

„Не се сфаќаат ефектите од изборниот систем и тоа е потфрлување на македонската политиколошка наука, но и менталитетот на граѓаните кои секогаш во стартот на некој начин ги девалвираат политичките опции. Се создава впечаток дека тој што се појавува како трета опција е ист како сите претходни, иако тој воопшто не добил шанса да се претстави. Или пак не се гласа за него зошто мислат дека нема шанси дека може да успее. Сето ова мора да им се пренесе на граѓаните на разбирлив начин, да знаат дека не пропаѓа гласот и дека треба да му дадат шанса на некој трет доколку не се задоволни од постојната политичка понуда. Во спротивно, нормално дека Македонија ќе биде во замка на овој непотизам кој не дава ефект за доброто на земјата веќе 20 години. Прво треба да придонесат политиколозите со пристапни анализи за граѓаните за ефектите од изборниот систем и второ граѓаните, наместо да решат да не гласаат, да излезат и да дадат глас за трета опција, а потоа да видат дали тие биле исти како претходните, а не претходно да се шпекулира дека тие биле исти како оние што претходно владееле“, коментира Савески.

Политикологот Артан Садику, пак, има поинаков пристап кон овој проблем. Политичката ситуација во Македонија, според него, не треба да се чита како појавување на нов политички контекст, туку тука се зборува за зголемен интензитет на превирања кои веќе 20 години ја замаглуваат вистинската политичка можност во Македoнија:

Symbolbild - Gruppe mit Anführer

Како да се мобилизира движење?

„Заблуда е дека ваквиот политички моментум овозможува простор за појавување на реална и релевантна политичка алтернатива на постоечката идеолошко-прагматична дузина од партии, поради фактот што за да се воспостави таква различна идеолошка политичка суштина потребно е да се иницира, развие и воспостави нов политички дискурс и мобилизација. Без таков моментум секоја појава на партија е осудена на банално градење на имиџ преку прес-конференции и неизграден дискурс, преку работење со граѓански маси, преку консензус и вклученост. Значи предизвикот кој денес се постaвува пред длабоко разочараните граѓани е како да се избегне фетишот на политичката елита и како да се мобилизира движење, кое понатaму само по себе, по нејзиниот природен раст ќе резултира во нова политичка вистина за која вреди да се зборува и поддржува“, смета Садику.

Во Македонија досега неколкупати се промовираше трета политичка опција, но таа главно завршуваше со незначителен изборен резултат, или дебакл. Најголем дел од овие главно помали политички партии подоцна завршуваа како привезоци на големите ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, преку кои ги реализираат своите политички апетити.