1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Проституција или протерување

Во Германија, според проценките, на принудна проституција се присилени околу 10.000 девојки од странство. Стравот од протерување им помага на макроата и трговците со луѓе.

„Девојките се под надзор деноноќно“, раскажува Герлинде Матуш. „Имавме и такви кои од собите не беа излезени две-три години. Тие морале таму да ги примаат мажите преку ден, а навечер ги носеле во бордели и кај приватни лица“, додава Герлинде Матуш. Таа работи за организацијата за заштита на жени Солводи. Герлинде Матуш не е нејзино вистинско име, но не сака вистинското име да и‘ се објави каде било. Не дека се плаши, туку макроата може да се обидат преку нејзе да стигнат до девојките кои побегнале од нив и да ги принудат повторно на проституција.

Prostitution

Се проценува дека околу 10.000 жени во Германија се принудени на проституција

Во Германија секоја година меѓу 600 и 800 девојки се фатени или сами се пријавуваат во полиција како жртви на трговија со луѓе. Но тоа е само врвот на ледениот брег. Експертите проценуваат дека во Германија на принудна проституција се присилени околу 10.000 жени. Само мал дел од нив успеваат да се ослободат и да побегнат.

Стравот од протерување ги врзува жените за макроата

Но тогаш почнува вториот дел од нивното страдалништво, зашто најголемиот дел од жените се илегално во Германија. Тие доаѓаат пред се‘ од Русија и од Украина, но и од Африка, главно од Нигерија. „Често им се даваат лажни ветувања за работа во ресторани или хотели“, вели Ана Хелман од организацијата за права на жените Тер де Фем. „Кога ќе дојдат во Германија им се одземаат пасошите и со физички и психички притисок се принудени на проституција.“ Кога ќе бидат фатени, за полицијата се илегалци на кои им се заканува протерување.

Тер де Фем од германската влада бара да им овозможи на жртвите на трговците со луѓе и жените принудени на проституција да добијат неограничена дозвола за престој. Токму протерувањето кое им се заканува го зголемува притисокот врз жените да им бидат послушни на макроата. Многу жени поради страв од протерување остануваат кај своите мачители. Германското законодавство е голема пречка за ваквите жени, нагласува Ана Хелман од Тер де Фем: „Само ако изразат подготвеност да дадат изјави против своите мачители можат да останат во Германија до завршувањето на кривичната постапка.“

Symbolbild Prostitution

Многу жени поради страв од протерување остануваат кај своите мачители

Ана Хелман од Тер де Фем затоа верува дека неограничена дозвола за престој е од помош не само за жените, туку и за германските власти, кои така би имале подобри шанси да ги изведат пред суд трговците со жени. Во Италија, од пред извесно време жртвите на принудна проституција имаат право на престој: „Искуствата од италијанскиот модел покажуваат дека жените штом се сигурни оти смеат да останат во Италија потоа многу побрзо се подготвени да дадат изјава во кривична постапка против виновниците.“

Тер де Фем стравува дека ригидните правила за протерување од Германија ги врзува жените принудени на проституција за нивните макроа. Освен тоа, како што потенцира Матуш, многумина од трговците со луѓе и макроата се од земјите од коишто доаѓаат жртвите и на девојките им даваат чувство дека ги разбираат и дека ќе ги заштитуваат во овој непознат свет.

„Меѓу макроата често има жени кои порано и самите се занимавале со проституција, а сега за нив работат други и со тоа тие заработуваат неверојатно многу пари.“