1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Прослава на празникот Богојавление - Водици

Православните верници денеска го прославуваат големиот христијански празник Богојавление - Водици. Манифестации се одржаа низ цела Македонија. Празнувањето од година во година станува се` помасовно.

default

Поглаварот на МПЦ, Г.Г. Стефан

Празникот Водици е денот кога Исус Христос бил крстен во светата река Јордан од Свети Јован Крстител. Празникот се нарекува и Богојавление бидејќи со чинот на крштевањето Бог јасно и конечно се пројавил како Света троица, Отецот, Синот и Светиот дух. Во Македонија од година во година прославата на Водици станува се` помасовна. Во сите градови луѓето се собираат покрај река или езеро. Свештеник фрла крст во водите, а верниците пливаат по него.

Централното одбележување на верскиот празник Богојавление - Водици се одржа во Скопје. Илјадници граѓани на кејот на реката Вардар, кај Камени мост, ја следеа централната манифестација. Со свечената литургија чиноначалствуваше поглаварот на Македонската православна црква, Г.Г. Стефан, придружуван од епископот хераклејски Климент и свештениците од Скопската епархија. Точно напладне во водите на реката Вардар поглаварот на МПЦ го фрли светиот крст. Верскиот празник беше одбележан во повеќе градови во Македонија. Една од најмасовните беше манифестацијата во Охрид.