1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Прослава на Новата 2007 година

Со огромни забави на отворено и гигантски огномети, во голем број земји милиони луѓе синоќа ја пречкаа Новата 2007 година.

Небото над Берлин се претвори во голем светлечки букет

Небото над Берлин се претвори во голем светлечки букет

Во Берлин, кај Бранденбуршката капија точно на полноќ започна огромниот огномет. Со минути ракетите го осветлуваа небото над главниот германски град. Пред и по спектаклот атмосферата ја поткреваа групите Сизор Систерс и Шугарбејбс. Меѓу Бранденбуршката капија и Столбот на победата, на простор од околу два километра, според проценките на организаторот, се собраа околу милион луѓе.

Стотици илјади луѓе се собраа и во другите светски метрополи. Во Париз на позната авенија Шанзелизе, на пречекот на новата година присуствуваа околу половина милион луѓе. Во Лондон големиот огномет на Темза ги осветли познатиот Биг Бен и големото тркало „Лондонско око„. Во првиот голем град во светот во кој пристигна новата 2007 година, Сиднеј, на огнометот кај познатиот мост Харбур, се собраа милион луѓе. И во главниот град на Македонија, Скопје,Новата година беше пречекана со голем огномет на кој присуствуваа десетици илјади граѓани од целата земја. Прослави беа одржани и во центрите на сите други поголеми градови во земјата.

1 јануари 2007 година донесе и неколку настани со големо политичко значење. Од денеска Германија го презема претседателството на Европската унија. Во Новогодишната порака, германската канцеларка Ангела Меркел истакна дека шесте германски месеци на чело на унијата ќе се одвиваат под мотото „Европа ќе успее заедно„:

„Европа ќе успее само заедно. Само обединета Европа може да се соочи со предизвиците на глобализацијата, односно светската трговија, но и насилството, тероризмот и војните. Поделена Европа е осудена на неуспех„.

Од синоќа на полноќ Романија и Бугарија станаа нови членки на Европската унија. Тој чин го поздравија десетици илјади луѓе. Романскиот претседател Трајан Басеску изјави дека со членството Романија добива мир и благосостојба. Бугарскиот претседател Георги Прванов, членството на неговата земја во Унијата го нарече „небески момент„. Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер во својство на претседавач на Унијата рече дека станува збор за почеток на нова ера. Настанот е важен за целиот континент, зашто на тој начин е затворена една се уште отворена рана од студената војна, рече Штајнмајер во Букурешт. Денеска тој ќе учествува на официјалната прослава во Софија.

Граѓаните на Словенија пак, од денеска како официјално платежно средство ќе го користат еврото. Словенија е тринаесеттата држава што стапи во зоната на единствената европска валута.

Во некои места преминот во новата година измина во сенка на насилство. Поради атентатот на баскиската ЕТА во саботата врз мадридскиот аеродром, прославата во центарот на градот беше откажана. Во серија бомбашки напади во главниот град на Тајланд, Бангкок, загинаа најмалку три лица, повеќе од 30 се ранети. Меѓу ранетите се и десетмина странци. Од тие причини беа откажани сите јавни прослави за Новата година.