1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Пропаднаа преговорите за трговијата со оружје

Преговорите во ОН за првиот договор за трговија со конвенционалното оружје, кои започнаа на почетокот од месецов, завршија синоќа со неуспех. Светските лидери сепак се надеваат на скорешен договор.

Делегациите со разочарување ги завршија синоќа преговорите за договорот за трговија со оружје, кој имаше за цел да ја регулираа оваа индустрија. И покрај тоа, дипломатите се надеваат дека ќе има дополнителни разговори и оти Генералното собрание на ОН би можело да гласа кон крајот на годинава.

„Имаме чувство дека можевме да се договориме. Разочарувачки е што е потребно дополнително време. Но, договорот за трговијата со оружје доаѓа, не денеска, туку наскоро. Ние направивме голем чекор нанапред“, изјави портпаролот на британската делегација.

Се смета дека преговорите за договорот би можеле да продолжат дури по претседателските избори во САД, кои се одржуваат во ноември. Додека најголем дел од делегациите искажале поддршка за силен договор, мал број земји, вклучувајќи ги Сирија, Северна Кореја, Иран, Египет и Алжир, се спротивставиле на глобалната контрола на оружјето.

UN Flagge vor dem Hauptquartier der UN in New York

Можно е Генералното собрание на ОН да гласа за предлог-резолуцијата

Но, приврзаниците на договорот ги обвинуваат САД и Русија за неможноста да се постигне одлука, бидејќи двете земји изјавија дека не било оставено доволно време за да се решат нивните прашања поврзани со предлог договорот.

„Нацрт-договорот не им се допадна на некои земји, иако огромно мнозинство се согласи со него“, се пожали претседавачот со конференцијата, Аргентинецот Роберто Гарсија Моритан, кој додаде дека можеби сега ќе се побара одлука за договорот да донесе Генералното собрание на ОН.

Извори од конференцијата информираа дека на неколку часа од истекот на рокот за договор во повеќенеделните преговори, САД и Русија побарале дополнително време за одлука.

„Ова беше неверојатен кукавичлук на администрацијата на Обама, која во последен момент го спречи напредокот во договорот за глобалната трговија со оружје, во моментот кога се правеше приближување до целната линија“, забележа Сузан Носел, извршната директорка на Амнести интернешнал САД.

Нацрт-резолуцијата бараше од земјите да проценат дали предложениот извоз на оружје би можел да биде искористен за правење или поддржување на сериозно прекршување на меѓународното хуманитарно право и на човековите права. Договорот ќе стапеше на сила ако беше ратификуван од 65 земји. Секоја минута умира по едно лице низ светот како последица од насилство со оружје.