1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Пронајден „изворот на младоста“ - со лимонска киселина?

Јапонските и американските научници со помош на едноставен трик претворија клетки на глувци во ембрионални матични клетки. Тие потоа можат да се развијат во речиси секој друг вид. Дали ова претставува епохално откритие?

Тим научници од Јапонија и САД во британското научно списание „Нејч“ известува за интересното откритие. „Репрограмирањето во првобитна состојба“ на клетките беше можно и досега, но со многу сложена постапка.

Тимот на Харуко Обоката од Центарот за развојна биологија во јапонскиот град Кобе третирал телесни клетки на новородени глувци со слаб раствор од лимонска киселина. Некои од клетките се вратиле во поранешна, недиференцирана развојна состојба.

Научниците можеле да докажат дека овие клетки имаат слични карактеристики како и ембрионалните матични клетки. Кога научниците ги ставале овие т.н. СТАП-клетки (stimulus-triggered acquisition of pluripotency) во ембрион на глушец, настанувале животни, чии различни типови на ткиво се состоеле од нивните сопствени клетки, како и од оние додадените, СТАП-клетки.

Враќањето на телесните клетки на развојниот стадиум на ембрионална фаза на матични клетки, од кои можат да се развијат различни видови ткиво, досега беше можно само преку биохемиска и генетска манипулација. Постапката вакви млади клетки да се создаваат преку едноставен стрес со киселина, отвора сосема нови можности за еден ден да се добијат сопствени матични клетки на пациентот, коментира Остин Смит од британскиот универзитет Кембриџ за списанието „Нејч“. Сепак, мора да се има предвид дека досега експериментите се вршени само со несозреани клетки на глувци. Останува да се испита дали постпката ќе успее и кај други животински видови, а првенствено кај човекот.