1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Промени во програмата на ДВ на македонски јазик

Помалку радио, повеќе видео-елементи и засилена интернет понудата - тоа е идната стратегија на Македонската програма на Дојче веле. Соработката со партнерите продолжува, а промените во програмата стартуваат од 1. јули.

default

Почитувани слушатели и корисници на радио- и интернет понудите на Дојче веле,

процесот на реформи во ДВ, со кои нашава куќа ги следи промените во медиумската сфера, по повеќемесечни подготовки почнува да добива и конкретен израз. За програмата на македонски јазик тоа генерално значи постепено напуштање на радиото како медиум и пренасочување кон видео- и телевизиски формати. Интернетот станува главен столб во нашата стратегија.

Промените ќе ги спроведуваме веќе од почетокот на наредниот месец. Од 1. јули ќе го преполовиме обемот на радио-програмата, а планираме од средината на август интернет-страницата на ДВ на македонски јазик да ја збогатиме со видео на денот. Во него со збор и снимки ќе информираме за актуелните случувања. До крајот на годинава планираме да започнеме и со подготовка на телевизиски магазин во траење од половина час, со прилози од различни области на општествениот живот во Европа.

Продолжува соработката со МРТ и другите партнери на ДВ

Zoran Jordanovski

Радио-програмата на ДВ и во иднина ќе можете да ја следите на досегашните фреквенции. Разговаравме со нашите главни партнери кои ја пренесуваат програмата и ги известивме за промените. Со МРТ, во дух на меѓусебно разбирање, се договоривме да ја продолжиме соработката која трае веќе 42 години.

Така, и по 1 јули 2011 година останува утринската емисија во терминот од 08.30 – 08.45 часот на брановата должина на Првиот програмски сервис на Македонското радио. Во неа, како и досега, ќе Ве информираме за најзначајните настани од ноќните часови и ќе ги најавуваме темите на денот, анализирајќи ја заднината на случувањата. Се разбира, редовно ќе имаме и теми од Македонија.

Ќе остане и емисијата во терминот од 16.30 – 16.45 минути, исто така на брановата должина на Првиот програмски сервис на Македонското радио. Но таа, наместо информации за актуелни настани од денот, сега ќе има форма на тематски магазин од една област (медицина, наука, екологија, економија, култура и слично).

Емисиите во утринскиот и попладневниот термин ќе се емитуваат само од понеделник до петок.

Целосно отпаѓа досегашната информативна емисија од 15.00 – 15.30 часот, која се емитуваше преку Вториот програмски сервис на Македонското радио.

Кратки вести на ДВ во траење од 3 минути и во иднина ќе можете да следите преку фреквенциите на Радио Канал 77 во досегашните термини (07.30, 09.30, 11.30, 13.30 и 15.30 часот) секој ден, освен во сабота и недела. Тематските магазини во терминот од 16.00 – 16.15 часот преку Канал 77 ќе се емитуваат само уште до крајот на август.

Радио програмите на ДВ ќе можете да ги следите и преку мрежата од локални радио станици кои и досега ги пренесуваа нашите емисии, а тие и натаму ќе бидат емитувани и преку сателит.

Преориентација кон интернет

Во сиве овие промени од аудио кон видео медиуми, интернетот останува константа во понудата на Македонската редакција на ДВ. Ќе настојуваме да го задржиме досега постигнатото и да го надградуваме, не само со видео-елементи, туку и со престројување во начинот на подготовката и формата на прилозите. Интернет страницата на ДВ на македонски јазик и натаму ќе ја карактеризира разноликоста на понудата од теми, за да ја задоволиме Вашата љубопитност и потреба за информираност. Ќе реагираме брзо на настани од Европа и светот, се разбира и од Македонија. Ако пропуштите некоја од нашите радио-емисии, неа ќе можете во секое време да ја најдете кај нас на интернет како Аudio on demand. Ни останува целта што си ја зададовме, со посетата на нашата интернет страница www.dw-world.de/macedonian секогаш да бидете добро и објективно информирани.

Зоран Јордановски, уредник на Програмата на македонски јазик на Дојче веле