1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Промена на персоналот на нивите

До отворањето на германскиот пазар на труд за источноевропските земји на ЕУ, освен Бугарија и Романија, на 1 мај, сезонските работници во Германија доаѓаа најчесто од Полска, Унгарија или Чешка. Сега се‘ е поинаку.

default

Затоа годинава, на германските полиња, се случи смена - наместо Полјаци работат главно Романци. Меѓу нив е и Јоан Јакобин, кој со сопругата, четирите пораснати деца и едно бебе живее шест месеци кај еден био-земјоделец во Борнхајм, кај Бон.

„Сакам да направам нешто за децата, да им помогнам финансиски. Затоа сум овде, зашто имам многу деца и сакам да им помогнам да направат нешто во животот“, раскажува Јоан Јакобин додека во расадникот ги чисти леите со домати. Тешката физичка работа за него не е ништо ново - крупниот 52-годишен маж работел како помошник и на многу градилишта во Германија, но само по еден месец. На полињата на био-земјоделецот Леонард Палм во Борнхајм, кај Бон, некогашниот фабрички работник смее да остане половина година:

„Овде сум со жена ми, значи не се чувствувам осамен. Среќен сум што сме овде заедно и кога ќе се вратиме во Романија, ќе се вратиме заедно.“

Она што не е исплатливо за Полјаците, е доволно за Романците

Во Борнхајм не е целото семејство на таткото на единаесет деца. Но, по секој тежок работен ден, го чекаат сопругата и осуммесечното бебе. И четири од неговите деца работат на полињата на био-земјоделецот Палм. Тие берат шпаргли и јагоди.

Јоан Јакобин работи за 6,40 евра на час

Јоан Јакобин работи за 6,40 евра на час

Живеат во една куќа-контејнер, која има пет соби, а се наоѓа зад гаражата на земјоделецот. Пред малата куќичка има дури и саксии со цвеќе. Куќата делува чисто и пријатно. Ја изградиле полските сезонски работници пред неколку години. Во изминатата година тие сочинуваа дури две третини до вкупниот број сезонски работници во Германија. Но, годинава, за нив речиси и не се исплаќа да работат за 6,40 евра по час. Барани се во други области, кои се подобро платени - на пример, претпријатијата во источните германски покраини бараат често лица од Полска кои ќе ги обучуваат за одредени дејности. Романија и Бугарија станаа членки на ЕУ дури во 2007 година и мора да чекаат најмалку до 2013 година за на германскиот пазар на труд да имаат исти права како Полјаците или Унгарците. Германските земјоделци се преориентираа навреме од Полска кон Романија. Годинава веќе побараа 95.000 романски сезонски работници.

Со Романците јазичните бариери се помали

И земјоделецот Палм сега соработува со Романија. Вели дека добро се снаоѓа со нив, но на една работничка од Полска, од минатите години, се сеќава со особено задоволство:

„Овде имавме учителка. Беше интересно, моите деца само што тргнаа на училиште и имавме приватна учителка за нив. Ги научи малку англиски, математика, и се разбира, по некој полски збор.“

За земјоделецот Леонард Палм, соработката со романското семејство има повеќе предности

За земјоделецот Леонард Палм, соработката со романското семејство има повеќе предности

Таа во Германија не дошла како учителка, туку за да собира шпаргли. Тоа не е единствен случај - пред се‘ во 90-тите години, на германските полиња работеа Полјаци со универзитетско образование, затоа што платите во татковината одвај им стигнувале да преживеат. Денес, Јоан Јакобин како сезонски работник во Германија заработува повеќе од еден учител или лекар во Романија, иако неговите примања, споредено во германски услови, се многу мали.

За земјоделецот Палм, соработката со романското семејство има и други предности:

„Многу полесно се надминува јазичната бариера, отколку што тоа беше случај со работниците од Полска. Со полските работници морав да учам малку полски, барем одделни зборови, како на пример броевите, но тоа сега не е случај.“

Јоан Јакобин потекнува од романскиот дел на Банат, исто како и носителката на Нобеловата награда за литература Херта Милер. Имал многу соседи и познаници со германско потекло, па комуникацијата на овој јазик не му е толку тешка. Неговите деца на училиште учеле англиски.

Се враќаш каде што е добро

Се‘ едно дали на полињата се зборува романски, германски или англиски - меѓучовечките односи се чини се во ред:

Јакобин: Тешката физичка работа за него не е ништо ново

Јакобин: Тешката физичка работа за него не е ништо ново

„Ми се допаѓа многу, зашто моите шефови се пријатни луѓе, имаат разбирање за мене и работат рамо до рамо со нас. Се работи многу организирано и тоа го ценам особено.“

Јоан Јакобин од 2013 година ќе може да бара и друга работа во Германија и да работи онолку долго колку што сака. Тогаш на германските земјоделци ќе им биде тешко да најдат романски или бугарски сезонски работници, и можеби засилено ќе бараат луѓе од Украина или Молдавија. Јоан Јакобин вели дека секогаш би се враќал кај био-земјоделецот Палм, доколку економската ситуација во неговата татковина не се подобри. Зашто, најрадо, би сакал едноставно да остане во Романија.

Автор: Александра Шерле/ Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска