1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Пролет која ја покрија облаци

Арапската пролет означи крај на државните диктатури и конечно заминување од власт на луѓето кои беа тирани. Сепак арапската пролет не донесе инстант демократија, а најмногу профитираа радикалните исламисти.

Пред само една година политичката кариера на Гамал Мубарак, Саиф Гадафи и Ахмед Салех изгледаше загарантирана. Нивните татковци, диктатори во Египет, Либија и во Јемен планираа да им ја предадат власта и на своите семејства да им обезбедат уште една генерација моќ и прекумерно богатство.

Сепак диктаторите се пресметаа. Од почетокот на арапската пролет четворица „доживотни“ владетели се истерани од власт а еден од нив - Моамер ел Гадафи е убиен. Со тоа се чини е окончан моделот на државни диктатури кои беа одлика на арапските држави уште од педесетите и шеесетите години од минатиот век. Соборени се режими кои сакаа монархистички да владеат со републиките- по углед на поранешниот сириски претседател Хафиз Ал Асад, кој на власт го донесе синот Башар. Тој син се’ уште се опира на волјата на народот, крваво ги задушува протестите , но сепак се чини дека и неговите денови на претседателствување се одбројани.

Tunesien Revolution Mohammed Bouazizi

Портрет на Мохамед Буазизи, човекот кој се самозапали во знак на протест против властите во Тунис и со тоа поттикна цела револуција

Исламистите победници?

Слободни избори и учество во власта- беше главното барање на сите демонстрации. Диктаторите се отстранети, изборите одржани, но демократијата е далеку. Во Тунис власта ја освоија исламистите, во Египет радикалните Салафисти забележаа впечатлив резултат. Од носителите на револуцијата- блогерите, интелектуалците, модерните жени- ни трага ниту глас.

„Демократите не профитираа од соборувањето или слебеењето на режимите во арапскиот свет“ вели Гидо Штајнберг, германски експерт за Блискиот Исток. „Профитираа пред се’ добро организираните и со текот на времето се’ подобро финансираните исламски движења“. Тоа се докажа во Тунис и во Египет а се чини дека од уривањето на режимот еднакво ќе профитираат и исламистите во Јемен и во Либија.

Dossierbild 1 von 3 Aufruhr in der Arabischen Welt Französisch

Демонстрации во Египет

Кревка економија

Демократијата ако воопшто ја има стои на стаклени нозe. Плуралистичкото општество не е на повидок а сатисфакцијата не доаѓа ни во вид на економски напредок. Туниската економија го допре дното, Египќаните имаат досега невидени проблеми. Овие две земји веќе не се магнет за туристите а со самото тоа ниту за инвеститорите. Во Јемен и во Либија целата економија пропадна со престанокот на црпењето нафта.

Арапските монархии со исклучок на Бахреин, не се потресени од промените на северот од Африка. За волја на вистината, во Мароко и во Јордан имаше протести поради поголемите трошоци за живот и корумпираните владини чиновници. Тамошните владетели одиграа помудро од диктаторите во Либија и во Египет- мароканскиот крал Мохамед Шести и јорданскиот крал Абдула ветија реформи и ја возвратија довербата кај народот.

Symbolbild Libyen Algerien Ägypten Maghreb Nordafrika

Регионот ни оддалеку не е смирен

Стабилни монархии

Важна улога притоа одиграа играа и шестте монархии од Персискиот залив, предводени од моќната Саудиска Арабија. Под саудиско раководство Советот за соработка во Персискиот залив интервенираше во Бахреин не само воено против демонстрантите туку и финансиски. Советот на двете најсиромашни членки им помогна со по десет милијарди долари. На Мароко и на Јордан им беше понудено членство и сеопфатна помош. Мали протести имаше и во Оман , Саудиска Арабија и Кувајт, но владетелите ги одоброволија демонстрантите со парични поклони и ветувања за работни места и воведување социјална помош.

Само во Бахреин дојде до насилни судири меѓу приврзаниците на владата и опозицијата , кои се претворија во конфликт меѓу шиитското мнозинско население и сунитските властодржци.

Овој конфликт изгледа најде ехо и во Сирија. Таму алевитското раководство, кое важи за тесен сојузник на Иран, кој има мнозинско шиитско население, се бори против мнозинското сунитско население. Стравот од граѓанска војна расте од ден во ден. Како и во случјот на Либија и тука заливските монархии застанаа на страната на бунтовниците. Тие со пропаганда преку панарапските телевизии Ал Џазира и Ал Арабија ги поддржуваат бунтовниците и го осудуваат сирискиот режим. Арапските монархии Саудиска Арабија и Катар играат меѓутоа и централна улога во политичката изолација на Сирија преку Арапската Лига.

Syrien Polizei und Militär Unruhen in Homs

Во сириските градови главниот збор се’ уште го имаат тенковите

Регионален конфликт со последици

„Ние секогаш сметавме дека тука имаме работа со бран на демократски движења“, вели Гидо Штајнберг. „Меѓутоа притоа превидовме дека всушност доминирачки конфликт во регионот е оној меѓу Иран од една страна и неговите противници во арапскиот свет“.

Штајберг дополнува: „Сега кога постои закана со Сирија да го снема и најважниот и единствениот државен сојузник на Иран, станува се‘ појасно дека овој голем регионален конфликт фрла голема сенка врз случувањата во арапскиот свет. Регионот ќе стане поконзервативен и малу поплуралистички“ , вели Штајнберг, кој додава „ Поплуралистички меѓутоа не значи и подемократски“.

Автор: Ане Алмелиг/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска