1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Прокопиев: „Човечулец“ e книга за малиот човек и големите вредности

Писателот, есеист и литературен критичар Александар Прокопиев е лауреат на меѓународната книжевна награда „Балканика“ за 2010 год. Наградата му е доделена за книгата „Човечулец“.

„Човечулец“ e оригинално видување на светски познатите бајки. Издавач е „Магор“, а за најдобра книга беше избрана од страна на седумчленото меѓународно жири во конкуренција од истакнати автори од повеќе европски земји. Во интервју за ДВ Александар Прокопиев зборува како се создаваше „Човечулец“, за бајките како инспиративен уметнички жанр, богат со вистини за животот, за љубовта и страста за пишување, за човечката отуѓеност и површност, но и за молкот на интелектуалците...

„Особено сум радосен за наградата и поради тоа што годинава конкуренцијата беше многу силна. Дојдоа извонредни автори - некои од тие писатели сега вистински ги запознав. Како личности се многу моќни. На пример, Асли Ердоган кој е голем автор или Мира Мекси, кои не само што се познати европски писатели со бројни меѓународни награди, туку и се многу привлечни како луѓе, како природи. Пишувањето, како и секоја уметност, е страст, а потоа сè повеќе тоа станува вашиот свет. Тој свет има своја структура. Во ова наше време на транзиција и ’крадци на време’ кои упаѓаат во вашиот свет, писателот во споредба со политичарите и бизнисмените кои се во првиот ред, го има чувството на слобода. Зошто живееме? Поради љубовта, а голем дел од неа може да се оствари низ професијата“, вели Прокопиев.

„Човечулец“ го сочинуваат 16 уметнички бајки за возрасни. Во оваа уметничка форма го најдовте својот простор за игра со личната слобоода, но и за да проговорите за тагата, осаменоста или среќата на човекот во денешниот мошне отуѓен свет?

Да, затоа ја одбрав бајката. Но, и заради љубовта. Инаку, отсекогаш ги сакав бајките. Писателите секогаш ја користеле таа форма на бајката за да кажат некои вистини за животот. Многу бајки што сум ги читал во текот на животот подоцна одиграле едно не само книжевно, туку и промислувачко влијание. Тука се, на пример, „Малиот Принц“, „Галебот Џонатан Ливингстон“ и др. Затоа ми се чинеше дека токму таа форма ќе ми дозволи јас да се отворам кон некои вистини кои се случуваат и во мојот живот и во животот воопшто.

 Еден посветен музичар веројатно целиот свој живот ќе го потроши во барање на својот „совршен, идеален тон“. До каде сте вие?

На патот сум. Секогаш се чувствувам како патник кој учи. Патувањето е процес, животно патување. Сè така до последното патување кое можеби нема да биде ни последно! Ова што го кажувате е поврзано со тоа - на кој начин му приоѓате на својот занает. Првата бајка што ја напишав беше „Палчо“. „Палчо“ ме интересираше како психологија, која е девијантна, па си реков, ајде да видиме каков би бил Палчо како малолетен деликвент во ова наше време. Кога ја завршив таа бајка, ми се роди идејата да земам ликови кои се маргинални во познатите бајки, а кои во себе исто така носат еден човечен свет како, ловецот на Снежана, едно од дивите момчиња кај Петар Пан или некој кој е фрлен на маргините од бајката, но тој таму живее , има свој идентитет, затскриен е и невидлив па си реков - ајде да го откриеме! Бајките во „Човечулец“ настануваа многу спонтано, се таложеа, но не мислев да направам таква книга. Дури откако почнав со пишувањето на алхемиската бајка „Хомункулус“. односно „човечулец“ , сфатив дека сè има некој свој ред.

Потребен му е еден таков „човечулец“ на денешново време?

Потребен ни е еден ваков човечулец затоа што спојот меѓу животот и смртта тука е најдиректен. Човечулецот како бајка е сместен во некој имагинарен и според мене - италијански ренесансен град. Некои се сместени во ова наше време. Но, се обидував  најважните комуникации со читателот да ги остварам токму преку основните категории на нашето живеење - љубовта и слободата. Оттука и суштината на оваа книга е во борбата за човекољубие, љубов за самиот себе и за другите.

„Човечулец“ ги актуелизира важните, универзални вредности. Во нашето исполитизирано секојдневие тие како да не важат. Велите дека сте попривилегирани од политичарите?

Духот на времето во суштина е една многу моќна и гадна категорија која ги конструира тие слики на стварноста. Политичарите секогаш биле моќни. Но, да се потсетиме дека ренесансата е на пример, најголемото ослободување на човековиот дух, иако и тогаш имало моќни политичари како Медичи, но нивната улога во градењето била улога на мецени! Улога на љубител на убавото - освен политичка, тоа е и естетска улога. Во нашиот свет, кој не можам да го наречам ниту прагматичен, тој дух на времето се извитоперува во површност, брзина, успех по секоја цена и непотврден со вредност. Политичарите и кога се минорни и неважни, се првите фигури. Се појавуваат други естрадни ѕвезди кои исто така се здобиваат со моќ - поп ѕвезди од „еден ден“, актери и.т.н, кои одеднаш стануваат поважни од секој уметник или голем режисер. Бизнисменот е поважен од секој голем писател! Дилемата е дали како автор ќе му се покориш на тој дух на времето, што би било мизерно, или ќе се предадеш и ќе станеш „сив“ човек без своето јас, или она што го работиш ќе биде твојот најмоќен аргумент, без оглед дали и кога ќе успее. Ако така се сфати, уметноста е одличен лек против „сивилото“!

Оттука, молчат ли нашите интелектуалци? Зарем не е тешко во земја во која интелектуалците не „брануваат“?

И не само во нашата земја. Интелектуалците не брануваат ни во многу други земји. Мислам дека станува збор за стратегија и начини на кои се спротивставувате на глупоста. Ако постои стратегија која не е диригирана од некакви политички резони и кога постојат критериум и поддршка, на пример - во медиумите. Проблемот не е во тоа што во Македонија интелектуалците се неми. Постојат извонредно способни луѓе ама не можат да бидат гласни ако немаат средства за да ја покажат таа гласност. И доколку веднаш не се скротуваат или казнуваат поради тоа. Ако едноставно тоа сивило или помиреност не ни го поплават секојдневието па човек тогаш се чувствува многу осамен...

Може ли да опстане „човечулецот“ во овие времиња?

Ме прашуваат, зошто е „човечулец“ , а не „човечуле“? Мојот одговор, што инаку одамна го знам, е дека тоа „ц“ на човечулето кое инаку е мал човек, му дава инает, доследност и индивидуалност. Тој „човечулец“ се бори, а не се нагрбува и трпи. Понекогаш е лош и непримерен, но секогаш е доследен на себе!  

Автор: Сузана Тодоровска-Павлоска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска