1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Продолжува штрајкот на германските аеродроми

Кошмар за патниците - штрајковите на безбедносниот персонал на аеродромите продолжува и денеска (15.02). Погодени се аеродромите Хамбург и Келн/Бон.

Синдикатот ги повика вработените во приватните фирми за обезбедување на аеродромите Келн/Бон и Хамбург да стапат во штрајк кој ќе трае цел ден. Според синдикатот Верди, Сојузното здружение на фирми кои се задолжени за обезбедување (БДСВ) се‘ уште не поднесло соодветна понуда за која би можело да се преговара. БДСВ пак, на синдикатот му префрлува дека има претерани барања и критикува дека Верди ги зема патниците како „заложници“ поради целиот спор.

На аеродромот Келн/Бон за денеска беа предвидени 97 полетувања со околу 10.000 патници. Во Хамбург пак бројот на погодени патници е двојно повисок - 20.000. Вчера, аеродромот Диселдорф анулираше 220 од вкупно 550 летови, а Хамбург повеќе од половината од 179 планирани полетувања и слетувања.

Верди го обвинува БДСВ дека намерно провоцира штрајкови. Синдикатот за околу 2000 вработени во сферата на обезбедување на аеродромите во покраината Северна Рајна Вестфалија бара 16 евра бруто по работен час, додека за задолжените за безбедност на аеродромот во Хамбург - 14,5 евра бруто. Понудата на БДСВ, според наводи на здружението, е 12,75 евра бруто за вработените во Хамбург и 13,50 евра бруто за оние во Северна Рајна Вестфалија.