1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Продолжува расправата за законот за бранителите

Во комисијата за труд на македонскиот парламент треба да продолжи дебатата за законот за бранителите кој ги подели и пратениците и јавноста по етнички линии

Продолжува расправата по предлог-законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили. За в понеделник е закажано второто продолжение на седницата на собраниската Комисијата за труд и социјална политика, кое е матично тело за носењето на законот.

Законот ги подели пратениците по етничка линија. За негово носење, покрај предлагачите, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, застанаа и нивните колеги од СДСМ, додека против се пратениците од ДУИ, ДПА и НДП.

Со Предлог законот опфатени се припадниците на воените и на полициските безбедносни сили кои учествувале во спречувањето на насилно уривање на демократските државни институции во периодот од 1 јануари 2000 до 31 декември 2001 година. Во случај кога се работи за загинати припадници на безбедносните сили, надомест ќе добијат членовите на нивното семејство. Според законот, тие се ослободени од плаќање здравствени услуги во примарна здравствена заштита, а Владата и општините треба да вработат еден невработен член на семејството на загинат или починат припадник на безбедносните сили без јавен оглас во државните институции. Со предлогот на ВМРО-ДПМНЕ се предвидува право на станбено згрижување преку станбен кредит во времетраење од 20 години, при што државата ќе покрие половина од одобрениот кредит и 50 отсто од висината на договорната камата.

Покрај другите права, законот предвидува семејствата на загинатите припадници да добијат паричен надомест од 50 просечни плати остварени во месецот кога настапила смртта на припадникот, а воени инвалиди ќе добиваат надомест зависно од степенот на инвалидитет од 30 до 150 плати, како и работен стаж со двојно траење за време на конфликтот.