1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Продолжува падот на цената на нафтата

Решението на ОПЕК да го намали производството на нафта, не го намали падот на цената на црното злато. Еден барел се продава за помалку од 40 долари.

default

ОПЕК го намалува производството на нафта

Цената на нафтата, денеска (18.12.2008) продолжи да паѓа и покрај вчерашната одлука на Организацијата на земји извознички на нафта, ОПЕК за ново намалување на производството. На азиските берзи, еден барел нафта се продава за 39,91 долари. Ова е најниско ниво во последниве четири години. Токму ваквиот драматичен пад од речиси седумдесет проценти во однос на летоска, кога нафтата се продаваше за рекордни 150 долари за барел, се обидуваат да го спречат земјите извознички на нафта ОПЕК. На нивната средба во Алжир, вчера(17.12.2008) тие решија повторно да го намалат производството за 2,2 милиони барели дневно, односно ќе се произведуваат 27,3 милиони барели. На средбата присуствуваа и земјите производители на нафта, кои не се членки на картелот, како Русија, Оман, Азербејџан и Сирија. ОПЕК, кој инаку задоволува 40% од светските потреби на нафта, ги повика овие земји да го следат нејзиниот пример и, и тие да го намалат производството.

OPEC Präsident Chakib Khelil Gipfel

Првиот човек на ОПЕК, Шакиб Хелил

Одлуката ќе се спроведе од 1 јануари

Првиот човек на ОПЕК, Шакип Хелил изјави дека на картелот најмногу му одговара цената на нафтата да биде меѓу 60 и 70 долари за барел, бидејќи со пониска цена од оваа, некои од земјите на ОПЕК работат со загуби. „Со одлуката на ОПЕК се земени предвид и актуелната ситуација, но и долгорочниот интерес на нафтената индустрија. Целта е да се осигураме дека ќе продолжиме да инвестираме во секторот и дека ќе има доволно залихи кога економиите ќе се опорават и кога повторно ќе се зголеми побарувачката“, рече Хелил. Минстерот за нафта на Саудиска Арабија, Али Наими, најави дека одлуката ќе стапи на сила од 1 јануари следната година. „Одлуката мора да се спроведе брзо и до крај, бидејќи немаме друг избор. Во спротивно, ситуацијата ќе се влоши за сите, не само за земјите од ОПЕК“, рече Наими.

Аналитичарите проценуваат дека дневното производство на нафта може да биде и помало од официјално утврдената квота, бидејќи некои од земјите членки на ОПЕК, би можеле дополнително да го редуцираат производството со цел да предизвикаат поголем раст на цената на енергенсот.