1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Продолжува кавгата меѓу Шалке и полицијата поради македонското знаме

Полицијата во Северна Рајна Вестфалија соопшти дека повеќе нема да ги обезбедува мечевите на Шалке по критиките поради инцидентот со отстранувањето на македонското знаме од трибините.

Кавгата поради грубата полициска реакција за време на фудбалскиот меч меѓу екипите на германскиот Шалке и грчкиот ПАОК во квалификациите за Лигата на шампионите ескалираше во неочекувана насока. Полицијата во германската покраина Северна Рајна Вестфалија денеска соопшти дека повеќе нема намера да го одржува редот на натпреварите на Шалке на домашниот терен во Гелзенкирхен и целата одговорност за безбедноста ќе му ја препушти на клубот.

Министерот за внатрешни работи на покраината, Ралф Јегер, соопшти дека полицијата ќе биде присутна во околината на стадионот и ќе интервенира само во вонредни ситуации.

Шалке и покраинската полиција влегоа во жестока кавга, откако надлежните во фудбалскиот клуб, но и пошироката јавност остро ја критикуваа полицијата која се судри со навивачите на Шалке со цел да го тргне од трибините знамето кое носеше симбол на сонцето од Вергина (поранешното државно знаме на Република Македонија, н.з.) за време на мечот против ПАОК.

Полицијата употреби палки и солзавец во пресметката со навивачите, при што настрадаа и навивачи кои не беа директно вмешани во случајот. 80 лица поради тоа побараа лекарска помош.

Како причина за интервенцијата од полицијата ја наведоа жалбата од претставниците на грчкиот клуб, кои „се чувствувале навредени како етничка група поради истакнатото македонско знаме“. Од управата на Шалке тогаш ја оценија акцијата на полицијата како несфатлива и остро ја осудија, но денеска изјавија дека се изненадени од ненадејната одлука на полицијата повеќе да не ги обезбедува нивните мечеви.

Од друга страна, одлуката беше поздравена од Синдикатот на германската полиција, од каде оценија дека истата е разбирлива и логична последица на однесувањето на надлежните во Шалке.