1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Прогнозите се потврдуваат веќе на стартот

По две убедливи претстави Баерн Минхен е лидер на табелата на фудбалската Бундеслига. Второто коло под знакот на успеси на гостинските екипи

default

Од дербито во Бремен: Швајнштајгер и ван Бомел (Баерн) во акција против Диего (Вердер, зелен дрес)

Во второто коло Баерн (М) имаше посебно суверен настап на гостувањето во Бремен, поразувајќи го Вердер, исто така тим од најтесниот круг на фаворити за титулата, со 4 спрема 0. Дури и искусниот голман Оливер Кан е по малку изненаден: “Денеска, веќе во второто коло, настапивме во стил на врвен тим”. Тренерот на Вердер Томас Шаф беше свесен за немоќта на своите избраници: “По 0 спрема 2 веќе не можевме да ’додадеме гас‘. Екипата во моментов не е во состојба за такво нешто”.

Втор на табелата е Хамбургер, со исто така две победи. Овој пат го совлада Баер Леверкузен, а единствениот гол го постигна токму игачот кој во изминатите денови внесе немир во редовите на клубот – Рафаел ван дер Варт. Капитенот, имено, искажа желба веднаш да замине во Валенсија, од каде очигледно добил примамлива понуда. Но, со оглед на тоа дека е врзан со договорот со Хамбургер, трансферот во моментов останува само желба: “Се’ уште сакам да одам во Валенсја, но кога Хамбургер вели не, морам да останам”.

Ван дер Ваарт сепак не дозволи тие настани да остават трага врз играта – од пенал го постигна единствениот гол кој на неговиот тим му ја донесе победата, а нему помирување со навивачите. “Јас не сум таков тип, кој би рекол – сега ќе играм лошо за тие потоа можеби да речат ’добро, оди‘.” Во секој случај, и тренерот Хуб Стевенс беше многу задоволен: “Мислам дека денеска во првото полувреме го видовме вистинското лице на Хамбургер. Радо посакувам така да се игра фудбал. Можам само да искажам голем комплимент”.

На два бода зад водечката двојка се Шалке, Арминија Билефелд, Бохум и Ајнтрахт Франкфурт.

Шалке со победата од 4 спрема 1 и’ се реваншира на Борусија Дортмунд за минатогодишната бламажа. “Начелно сметам дека ова беше многу добро постигнување на тимот. Неможам никого посебно да издвојам. Севкупно тоа беше дефанзива со многу страст и срце, а офанзивата многу целесообразна, многу консеквентна во насока кон противничкиот гол. Мислам дека тоа многу добро ни успеа во ова дерби” – оцени тренерот на Шалке Мирко Сломка.

Арминија дома во Билефелд испушти победа која изгледаше сосем сигурна, посебно кога на 10 минути пред крајот поведе со 2 спрема 0 со голот на Артур Вихниарек, кој по натпреварот оцени: “Бевме тешко кзнети оти во последните 10 минути веќе верувавме дека ништо не може да ни се случи. Но, Ајнтрахт ни покажа дека играта трае 90 минути, што ние денеска, за жал го заборавивме”. Во драматична завршница Ајнтрахт успеа да изедначи со два гола во последните три минути и да однесе еден бод во Франкфурт.

Првенството започна одлично за малиот Бохум - по нерешениот резултат против Вердер, постигна и победа на гости кај Енерги во Котбус – навистина, и со малку среќа. Тренерот Марсел Колер му се радува на моментното петто место на табелата: “Би било убаво сега да беше крај на првенството, но не е така. Ја регистрираме радоста на навивачите, но не сме вообразени”.

Актуелниот првак Штутгарт е убедливо поразен во Берлин – прв постигна гол, но потоа уследија три погодоци на домашната Херта. И за новиот прволигаш Карлсруе работите тргнаа добро, дома поведе против Хановер, но на крајот сепак ја доживеа горчината на првиот пораз. Балич му ја донесе победата на Хановер, а увод во пресвртот беше израмнувачкиот гол на Мајк Ханке. “Во никој случај не се сомненав дека денеска ќе победиме, дури ни на полувремето кога противникот водеше” – рече Ханке. Идентичен пораз од 2 спрема 1 доживеа и Ханза дома во Росток против Нирнберг, а уште поубедлив Дуизбург од Волфсбург и тоа со 3 спрема еден.

Шол - величествен крај на големата фудбалска кариера

Во Минхен во средата гостуваше славната Барселона предводена од Роналдињо. Првата средба за нововостановениот пехар на Франц Бекенбауер истовремено беше последна во кариерата на Мехмед Шол. Зад него останаа 18 години и 392 настапи во Бундеслигата, сите во дресот на Баерн Минхен, кого Шол никогаш не го напушти. Со својот клуб Шол прослави 8 титули првак, пет пати го освои купот на Германија, во 2001-ва и европската Лига на шампионите, а како член на германската репрезентација стана и европски првак во 1996-та.

“Така е тоа – милиот ни Господ постави граници, биолошки граници. Шол сега има 36 години и реши да престане да игра, оти последните години беше многу често подложен на повреди” – рече Франц Бекенбауер. Во прошталниот натпревар Барселона победи со 1 спрема 0 со голот на Меси на пет минути пред крајот. “Мислам дека Шол го заслужи ова простување. Денеска се’ се совпадна – времето, Барселона – тим од светска класа, кој дојде до сите свои ѕвезди. Мислам дека кај нас во моментов изби еуфорија. Тој не можеше да одбере подобар момент за разделба”, оцени менаџерот на Баерн Ули Хенес.

Мехмед Шол со години ги воодушевуваше навивачите со елегантен, технички дотеран, некако негермански фудбал. Тој секогаш беше ѕвезда, омилен кај навивачите, ценет од тренерите. "Од Мехмет Шол секогаш ќе произлезеше нешто – или ќе подготви, или пак самиот ќе постигне гол” , вели Феликс Магат. “Генијален фудбалер, кој интуитивно ќе го направи вистинското и, се разбира, можеше да ја маѓепса и публиката со своите фудбалски трикови” – оцени сегашниот тренер Отмар Хицфелд.

Што смета самиот Шол за свој најголем успех? “Мој најголем успех кај Баерн беше што 15 години успеав да опстојам да не бидам изеден во овој базен со ајкули. Се’ на се’, не би сакал да сменам ништо во последните 15 години”. Шол не решил што ќе право во иднина. “Поминав успешно и убаво време со луѓето, што ќе ми недостасува. Сега доаѓа наредна фаза во мојот живот”. Негова страст е музиката, а има намера и да се занимава со куглање.