1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Проблемот со името на државата е проблем и на црквата

Митрополитот на Европската епархија Пимен во интервју за Дојче веле говори за претстојните Велигденски празници и состојбите во Македонската православна црква.

default

Црквата Свети Наум во Охрид

Митрополит Пимен, каква е состојбата во вашата епархија, има ли проблеми, слични на оние во Австралиско-новозеландската епархија?

Проблеми од тој тип во Европската епархија нема, бидејќи нема многу изградени храмови, а и она што се правело се правело во доцните 70-ти години, или сега се гради, така што нема проблеми со сопственоста.

Велите дека епархијата нема сопствен имот, и затоа нема ниту проблеми. Со какви предизвици се соочуваат верниците во Европската епархија?

Главен проблем е да се соберат и реорганизираат (верниците), затоа што главно емиграцијата во Европа е од почетокот на 70-тите години. Сите внатрешни раселувања што се случувале, како и престанувањето на работата на клубовите придонеле да се изгуби контактот меѓу луѓето. Сега се обидуваме да ја најдеме втората генерација и преку неа да се подмладиме како црква и да сметаме на некаква иднина на епархијата во Европа.

Како црковните кругови и луѓето во Европа, со кои Вие контактирате гледаат на МПЦ и верскиот живот во Македонија?

Гледаат со голем респeкт, затоа што единствен фактор штo ги обединува Македонците и кој покажува некоја активност е Македонската православна црква преку своите заедници, односно триесетте македонски православни црковни општини во Европската епархија.

Владико Пимен, дали угледот на МПЦ е поголем надвор отколку кај верниците во Македонија?

Со сите прашања што се соочуваме во Македонија, истите постојат и во странство, меѓу верниците во Европа. Тие се подеднакво добро информирани, како што е народот во Македонија. Секогаш се подготвени да постават скокотливи прашања поврзани со животот на МПЦ. Во последно време финансиските скандали кои се споменуваат итн.

Како Вие, како член на Синодот однадвор ги доживувате финансиските афери кои го потресуваат врвот МПЦ?

Иако сум член на Синодот, работите ги набљудувам од страна, бидејќи обврските не ми дозволуваат да бидам редовен на синодските седници, кои се одржуваат секој месец во Македонија. Јас и многу други владици сме заинтересирани повеќе од кој било друг да се разрешат тие прашања. Имено, токму нас најмногу не прашуваат за тоа што точно се случува, бидејќи се водиме како членови на Синодот, а всушност и ние не ги знаеме вистинските одговори се’ до оној момент додека не се разјаснат.

Како и покрај ваквите случувања ја објаснувате високата доверба на верниците во МПЦ и покрај впечатокот на многумина дека освен мантијата и брадата, џиповите станаа вообичаена опрема на поповите?

Довербата во црквата не е доверба во свештенството, туку пред се’ тука ја градиме нашата доверба со Бога. Колку и да паѓа угледот на некои во свештенството, а со тоа и генерално и угледот на МПЦ или на која и да е друга црква, сепак луѓето неможат да се оддалечат од црквата, затоа што нивната вера не е во човек, нивната вера е во Бога. Токму на тоа и се должи угледот на црквата. Затоа и повикувам да ги искористиме овие празници и револтот што го има народот, можеби кон свештенството, да не ни верува или не мрази, да се обиде да се надмине себе си, и тоа да не стане и револт кон Бога.

40 Jahre Mazedonische Orthodoxe Kirche

Врвот на МПЦ

Може ли синодот кој се соочува со неединство во своите редови да ја бие битката за статусот на МПЦ во православниот свет?

Тоа секако, колку и да има внатрешни недоразбирања, по тоа прашање сме сите единствени. Сите прашања што се од догматски карактер, сите прашања за тоа како ќе ја водиме битката за административно признавање на Македонската православна црква, во тој поглед сме единствени.

Колку проблемот на МПЦ во православниот свет е идентичен со тој на државата (проблемот со името и неможноста за евроинтеграција на Македонија поради условувањата од страна на јужниот сосед)?

Кога ќе се земе предвид дека овој наш црковен, меѓуцрковен проблем што го имаме е од политичка природа, мислам дека може да се каже дека можеби повеќе од 90 насто е проблемот е ист како и проблемот на државно ниво. На пример во блокот на грчките цркви кои ги има седум или осум во православниот свет, за нив секако е проблем и името кое го има Македонската православна црква. Кога би се надминал тој спор меѓу државите, околу признавањето на Македонија под уставното име, тогаш верувам дека многу брзо ќе се најде решение и за црковниот спор. Оној дел што се однесува на статусот на МПЦ во православниот свет, тоа е само условувано од страна на Српската православна црква, дали МПЦ да биде автономна или автокефална црква. Тој дел околу статусот е во односот со СПЦ, додека на останатите православни цркви тоа воопшто не им пречи, туку им пречи што мора да се има консензус и од страна на Грчката или прогрчки настроените православни цркви, кои треба да дадат согласнот за признавање на МПЦ.

Како да се реши проблемот со црковен Белград? Може ли Европа да понуди посредништво или формула за надминување на спорот?

Лично мислам дека не може. Со некаков притисок извршен од страна не би можеле да дојдеме до решение на црковното прашања. Единствено што може да се направи од страна, значи не само од Европа, туку и од Америка и Австралија тоа е нашиот однос кој што го имаме со владиците кои се претставници на СПЦ. Со нив главно имаме многу добра соработка и постојани средби, затоа што работиме на иста територија, каде што сме рамноправни. Единствено само преку тој пример на меѓусебна соработка и почит, знаеме дека ако заедно настапуваме можеме да добиеме повеќе во католичкиот или протестантскиот свет. Тој пример ако може да се преслика во црковен Белград би можело да има некое влијание. Не верувам дека би можело да помогне некакво политичко влијание.

Како од страна изгледаа протестите на плоштатот во Скопје, против изградбата на црква? Колку МПЦ е инволвирана во инцидентот, а колку политиката?

Според мое гледање од страна, не би сакал никого да обвинувам, меѓутоа главниот проблем е тоа што работите излегоа од контрола. Дека било спонтано, а толку брзо да може да се организираат со сите тие црковни бајраци кои се појавуваа, тоа сепак зборува од една страна дека има инволвираност на МПЦ. Меѓутоа тоа би можело да биде само некој од редовите на МПЦ, кој бил вклучен околу организацијата на тоа. Генерално како црква не сме дале благослов за тој протест. Јас лично не бев информиран дека ќе се случува таква работа, до моментот кога не видов на телевизија што се случува.

Сметате ли дека постои опасност од ескалација, меѓуверска нетрпеливост од апсект на последните случувања на плоштадот?

Она што ми дава искрена надеж дека не би ескалирал проблемот понатаму е тоа што студентите повторно се собраа на плоштадот за да го изразат своето мислење за „несилувањето на Скопје“, како што тие тоа го кажаа, и помина без никакви инциденти. Верувам дека и другата страна, евентуално, кога би се поставувал тој камен темелник, дека не би се одело на никави провокации околу самото тоа. Она што можеби долгорочно ќе предизвика некои религиозни нетрпеливости, евентуално е прашањето што се наметнува за изградбата на џамија на истиот плоштад. Не би сакал да го сфатам тоа како сериозно размислување на Исламската заедница и дека би се извршил притисок околу тоа.

Автор на интервјуто: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска