1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Проблемите со националниот идентитет се решаваат најдобро под „покривот на Европа“

Интервју со Тео Вајгел, советник на македонската влада и поранешен германски министер за финансии. Со него разговараше, Нада Штајнман

default

Тео Вајгел

Господине Вајгел, Вие сте подолго време советник на македонската влада. Во тој период Македонија не направи голем напредок на патот кон евро-интеграцијата. Имате ли објаснување за тоа?

Вајгел: „Не може да се каже дека нема напредок. Македонија во меѓувреме го доби статусот на кандидат за членство и многу позитивно се разви на патот кон Европа. Но, денес ситуацијата е потешка, бидејќи ЕУ мора прво да се справи со приемот на десетте земји од 2004-та година. Освен тоа, има многу контроверзна дискусија околу приемот на Турција и тоа секако има влијание врз перспективите за прием на земјите од Балканот.“

Сигурно и Вие имате разбирање за тоа што македонската влада, а и народот, беа разочарани по самитот на НАТО во Букурешт. Но, дали тоа ја оправдува сегашната политика на македонската влада? Дали, според Ваше мислење, насоката е добра?

Вајгел: „Секако дека тоа беше разочарување и ќе речам сосема искрено: не го разбирам ставот на грчката влада. Ја сакам Грција, ја сметам за прекрасна земја, но сепак не го разбирам одбивниот став кон Македонија поради името. Морам да кажам дека жалам поради таквиот став. Сите други членки на алијансата ќе го поздравеа пристапувањето на Македонија кон НАТО и се надевам дека во скоро време ќе најдеме сепак некоја можност тоа и да го реализираме. Но, тоа е задача на двете влади и на билатералните разговори. Германија, во секој случај, по ова прашање секогаш ќе помага.“

Во споредба со развојот во соседните земји, може да се заклучи дека Македонија заостанува. Македонскиот премиер Груевски вели: ако НАТО и ЕУ не не’ сакаат, тогаш можеме и без нив. Сметате ли дека за една мала земја како што е Македонија тоа е исправен став ?

Вајгел: „Сметам дека патот кон Европа е нешто што ја одржува земјата како целина. Во сите овие години, во кои од време на време престојувам во Македонија и разговарам со многумина од нејзините политичари и стопанственици, откривам постојано дека европската аспирација е споната што ја држи земјата заедно. Таму и етничките групи знаат дека и’ припаѓаат на Европа и дека сакаат еден ден да и’ припаѓаат на ЕУ. Јас секако можам да го разберам разочарувањето, исто така и лутината, но тие не смеат да предизвикаат апатија, туку Македонија мора да ги надмине и уверен сум дека тогаш нејзиниот пат кон ЕУ и секако кон НАТО, на крајот сепак ќе биде успешен. “

Сигналите од Брисел во моментов не се позитивни и се чини дека оттаму не може да се очекува ниту позитивен извештај. Македонската страна меѓутоа е непопустлива. Имате ли објаснување за тоа ?

Вајгел: „Јас не би рекол дека е непопустлива, секоја земја има еден вид самосвест, тоа е и право на секоја земја. И другите земји во Европа се самосвесни. Она што доаѓа од ЕУ, од Европската комисија, исто така и од Меѓународниот монетарен фонд, меѓутоа мора да се сфати сериозно и мора да се размисли како можеме тоа да го оствариме, чекор по чекор. Тоа секако не оди наеднаш. Ние од западот очекуваме често од земјите како што е Македонија, за релативно кус период од неколку години, да го минат оној процес и оној развој за кој на другите земји од Европа им требаа 50 или 60 години. Тоа не е едноставно! Значи неопходно е и трпение од страна на Европската комисија кога е во прашање Македонија. Македонија во изминатите неколку години, откако јас ги следам настаните, вложи многу напори. “

Да, вложи многу напори, но меѓу политичарите како во македонскиот политички табор, така и во албанскиот, има се’ уште многу конфликти и тоа секојдневно. Го сметате ли тоа за добра политика?

Вајгел: „Мораме да се помириме со тоа дека во Европа има етнички проблеми. И, има само еден начин за решавање на тие етнички проблеми, а тоа е нивно надминување под „големиот покрив на Европа“. Под тој покрив веќе се надминати такви големи проблеми како на пример меѓу Германија и Франција, или меѓу Полска и Германија. И, затоа сметам дека тоа е и патот за разрешување на етничките проблеми во Македонија. На тој начин секој може да го зачува сопствениот идентитет, националниот идентитет, но притоа секој да знае дека може да го сочува идентитетот само кога е под заштита на големиот „европски покрив“. Тоа е според мене исправниот пат за надминување и на меѓуетничките проблеми меѓу Македонците, Албанците и другите етнички групи во земјата. “

Во моментов нема придвижување во преговорите во спорот околу името. Какво е Вашето мислење, ќе може ли во догледно време да се најде решение за спорот или тоа ќе остане долгорочен проблем?

Вајгел: „Откако последните избори во Македонија донесоа јасни односи на политичката сцена, сметам дека и актуелната влада е доволно силна за да се обиде да најде решение во билатерални и мултилатерални преговори. Тоа, секако, не е едноставно да се стори во Македонија. И Грците за жал овој спор го претворија во прашање на престиж и гордост, поради што многу жалам. Но, во сите такви прашања на престиж мора еднаш да се спушти топката и да се најде реално решение. Се надевам дека двете соседни земји, кои имаат толку интензивна стопанска размена, ќе ги научат лекциите од минатото на европскиот континент и дека ќе ги надминат и меѓусебните проблеми, како што тоа се случи и меѓу другите европски земји во последните 50 години. “

Рековте дека Европа и Европската комисија треба да имаат повеќе разбирање за Македонија. Каков би бил интересот на Европа за стабилна македонска држава?

Вајгел: „Голем интерес е во прашање, бидејќи Македонија треба да биде фактор на стабилност на Балканот, во тој немирен регион. Ние во Европа имаме само една можност: или ние ќе извезуваме стабилност или ќе мораме да увезуваме нестабилност. Тоа значи дека она што во Македонија би можело да се случи, тоа би ја оптоварувало цела Европа. Затоа ние од Централа Европа мораме да бидеме заинтересирани во Македонија и во другите земји од балканскиот регион да најдеме добри решенија за надминување на проблемите од последните години и децении. Тоа значи дека Европа мора да има најголем можен интерес да постигне стабилни односи во Македонија и во околните земји.“

Господине Вајгел, кога ја презедовте функцијата советник на македонската влада се појавија големи надежи дека еден искусен германски политичар ќе успее да донесе инвестиции во Македонија. Нешто од тоа и се оствари, но вкупното расположение во земјата и натаму генерално го одликува - сиромаштија. Младите од Македонија сакаат да заминат во странство , бидејќи не гледаат големи перспективи таму. Зошто изостанаа поголеми инвестиции во Македонија?

Вајгел: „Имаше многу можности, некои од нив беа и искористени. Јас во многу прилики се обидов да им го свртам вниманието на германски и други странски фирми кон Македонија. Приредувавме конференции за инвеститори, покренавме и т.н. роуд-шоус во кои високи претставници на владата патуваа во други земји и таму ги презентираа можнстите за вложување во Македонија. Разговарав исто така со важни фактори во меѓународните финансиски институции како ММФ, Светската банка, Европската инвестициона банка итн. Јас сторив се’ што беше во моја моќ и подготвен сум и во иднина да го вложам мојот авторитет, залагајќи се за Македонија кај германските и другите европски фирми. Се заангажирав и германскиот претседател Хорст Келер минатата година да дојде во посета на Македонија. Исто така и германскиот министер за стопанство. Се ангажирам во Македонија да дојде наскоро и претседателот на владеачката партија во Баварија, Ервин Хубер, кој е и покраински министер за финансии. Значи, правам се’ што е во моја моќ. Но, реализацијата на сите тие напори мора да се случи во Македонија. Јас гледам уште други можности и се надевам дека ќе успееме да ги реализираме во наредниот период.“