1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Пробив во Киев - стар устав за излез од кризата

Драма до последна минута. Тројката европски министри цела ноќ се обидуваа да издејствуваат компромис во Украина. На крајот - договор!

Тројцата ЕУ- министри не спиеја 27 часа, но на крајот нивните обиди да издејствуваат компромис меѓу власта и опозицијата во Украина се исплатеа. Договорот предвидува враќање на стариот устав од 2004 година, за што парламентот во Киев попладнево веќе даде согласност со големо мнозинство, формирање преодна влада со министри на опозицијата во рок од 10 дена, уставна реформа до септември и предвремени претседателски избори најдоцна во декември.

Пробивот беше постигнат во пет преговарачки рунди кои траеја цели речиси 22 часа. Прво европските министри со лидерите на опозицијата, па со Јанукович, повторно со опозиционерите, повторно со украинскиот претседател и конечно, откако веќе мина полноќ - сите заедно. Помеѓу имаше постојано телефонски разговори - германскиот министер Франк-Валтер Штајнмајер зборуваше со канцеларката Меркел, францускиот министер Лорен Фабиус со претседателот Оланд, Јанукович со рускиот претседател Путин.

Еден од клучните моменти се случи во два часот изутрина. Пристигна медијаторот од Москва, Владимир Лукин. И кога работите почнаа да одат во вистинска насока, претпладнето повторно - драма. Дел од опозицијата одеднаш повторно се спротивставуваше да го потпише договорот. Штајнмајер и неговиот полски колега Радослав Шикорски заедно се упатија во хотелот „Киев“ за да го убедат движењето Мајдан. Шикорски на социјалната мрежа Твитер напиша: „Сите страни мора да се потсетат дека компромис значи дека се добива помалку од 100%.“ Од Берлин Меркел повторно му се јави на Виталиј Кличко за да се стават потписите на опозиционерите.

Во 15:41 часот, во салата со огледала во претседателскиот кабинет во Киев, сите учесници во преговорите го ставија својот потпис под компромисниот договор. Украинскиот претседател Јанукович не рече речиси ниту збор. Кличко набрзина го промени редоследот на имиња за седење, за да може да седи покрај Штајнмајер, а не покрај Јанукович.

Шефот на германската дипломатија Штајнмајер оцени дека сега не се решени сите проблеми, но... „Ова беше можеби последна шанса за излез од спиралата на насилство.“ Шикорски рече: „Украина сега има шанса повторно да најде мир.“

Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц смета дека кризата во Украина се‘ уште не е надмината, но сепак, договорот носи надеж дека Украина „го спречи најлошото“.