1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Пријателството да не биде рутина

И покрај дневно-политичките потешкотии, германско-француското пријателство е неверојатно остварување. На него, меѓутоа, мора секогаш одново да се работи, смета Бернд Ригерт, автор на следниов коментар.

default

Германско- француското пријателство не смее никогаш да стане рутина, ниту 50 години по потпишувањето на Елисејскиот договор од страна на поранешниот германски канцелар Конрад Аденауер и поранешниот француски претседател Шарл Де Гол.

Секоја генерација политичари и секоја нова генерација млади Французи и Германци мора од почеток да работи на тоа пријателство. Оној кој има и најмал сомнеж во клучната улога на Германија и Франција за европско единство, нему му се препорачува да ги посети потресните гробишта во Думон. Таму се наоѓаат посмртните останки на 130.000 припадници на двете нации, кои учествувале во битката за Вердун за време на Првата светска војна. Таму во 1984 година тогашниот француски председател Франсоа Митеран и германскиот канцелар Хелмут Кол си подадоа рака. Таа фотографија го обиколи светот.

Бројните воени гробишта во Франција, Белгија и Германија сведочат за непријателството меѓу Франција и Германија, кое во меѓувреме е надминато. На гробовите од светските војни се случи и помирувањето и тоа веќе на крајот на 1940-тите години од минатиот век со создавањето на греманско- француското здружение кое потоа, 1963. година, вроди со меѓудржавен договор. Потсетување на почетокот на германско-француското пријателство и на визијата на францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман помага во тоа да се релативизираат актуелните проблеми во германско- француската дневна политика.

Не е одлучувачко тоа дали мадам Меркел и хер Оланд сега добро ќе се разбираат или ќе избегнуваат разговор. Одлучувачко е тоа дека луѓето и понатаму се среќаваат, оти војниците учествуваат во заеднички мисии, дека се одвива трговија, туристи доаѓаат во Берлин и во Париз, без граници, со една заедничка валута в рака. Точно е дека на највиско политичко ниво моментално личните односи помеѓу канцеларката и претседателот не се добри. Но тоа не треба да се преценува. Такви фази секогаш постоеле во последните 50 години. Дури ниту Шарл Де Гол и Конрад Аденауер не биле секогаш „едно срце и една душа“. Германскиот канцелар Вили Брант и претседателот Жорж Помпиду меѓусебно не се сакале. Претседателот Митеран и канцеларот Кол на почетокот си биле непознати еден на друг. Канцеларот Герхард Шредер и претседателот Ширак беа сложни само кога стануваше збор за дистанцирање од САД. Ширак пред се‘ негувал симпатии кон Шредеровата сопруга Дорис. Единствени, кои навистина биле пријатели, се канцеларот Хелмут Шмит и претседателот Жискар Дестен. Тие и ден-денес заедно се расправаат за Европа.

Согласни по прашањето за повеќе Европа

Deutsche Welle Hintergrund Deutschland Bernd Riegert

Бернд Ригерт, автор на коментарот



Одлучувачко е тоа дека на политичко ниво, благодарение на Елисејскиот договор, и понатаму се советува, координира и дејствува. Во надворешната и одбранбената политика се’ уште не се спроведени сите задачи дефинирани со Договорот. Тоа дека Франција и Германија, кога станува збор за актуелната криза на еврото, имаат различни пристапи, е исто така правилно, но во најголемиот дел се согласни и тоа гласи: „Повеќе Европа!“. Во оваа година, секако, нема да има одлучувачки импулс бидејќи францускиот социјалист Оланд се надева оти германската конзервативна канцеларка на парламентарните избори наесен ќе загуби, и дека на нејзино место ќе дојде кандидат на социјалдемократите. Меркел минатата година јавно го поддржа Оландовиот противник Саркози и така одигра на погрешна карта. Тоа сега и‘ се одмаздува. Поради тоа, по повод јубилејот, ни Париз ниту Берлин немаат нови политички иницијативи, се’ е на ниво на идеи и размислувања.

Сепак, сеедно која политичка партија или коалиција моментално го води главниот збор, Франција и Германија мораат да останат мотор на ЕУ. Тоа го сакаат сите присутни политичари во двата главни града и тоа го знаат и европските соседи кои често се жалат дека одлуките ги диктира тандемот Франција-Германија. Но доколку овие две држави не се во водечка улога, тогаш се слушаат жалби дека Европа го загубила компасот. Да се доведат во рамнотежа тие очекувања и барања, за германскиот канцелар или канцеларка и францускиот претседател или претседателка, секогаш ќе биде тешка задача.

Ширум светот уникатната, блиска соработка меѓу Франција и Германија, може исто така да биде пример и за други држави кои своите конфликти се’ уште во потполност не ги решиле. Притоа, воопшто не треба да се оди толку далеку, треба да се погледне само на Балканот. Не би требало ли да се воспостави помирување и соработка меѓу Србите и Косовците, меѓу Босанците и Србите, Македонците и Грците, Турците и Кипарците, по примерот на Франција и Германија? Визијата на Роберт Шуман мора да важи за сите народи во Европа, а можеби и подалеку: „Војните меѓу нациите мораат да бидат спречени благодарејќи на блиските врски“, рече поранешниот француски министер за надворешни работи во 1950. година. „Европа нема да биде направена со еден потег, ниту со обично собирање. Таа ќе се создаде благодарејќи на конкретните дела, кои ги сочинува најпрво солидарноста“, рече Шуман. На тоа треба да се работи и во наредните 50 години. Секој пат од почеток.