1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Пријателска средба или дисциплинирање?

Потврда на партнерските односи или средба за дисциплинирање на политиката што ја блокира реализацијата на стратешките планови на Берлин? Кои се oчекувањата во Македонија од средбата Mеркел-Груевски?

Што ќе му каже германската канцеларка Ангела Меркел на македонскиот премиер Никола Груевски денеска (14.02) во Берлин? Ова е најжешкото прашање на македонската политичка сцена неделава. Без оглед на различните очекувања и анализи на политичарите и аналитичарите, сите се согласни дека 14 февруари е значаен ден за македонско-германските односи.

Пендаровски: Меркел ќе бара поголеми отстапки за името

Во фокусот, според македонската страна, се економските односи меѓу двете земји. Стево Пендаровски од СДСМ не мисли така:

Nikola Gruewski in Deutschland

Македонскиот премиер Никола Груевски попладнево разговара со германската канцеларка Ангела Меркел (архива)

„Забележувам дека Владата во Скопје ја турка економската компонента на посетата, мене ми се чини дека од економија нема да има ниту ’Е’ на таа средба, туку ќе биде посветена на евроатлантските интеграции на Македонија кои се закочени. Мое очекување е дека германскиот канцелар во Берлин на Груевски ќе му го каже германскиот став во однос на спорот со Грција“, изјави Пендаровски за Дојче Веле.

Според него, ставот на Германија и на канцеларот е прилично изострен во однос на Македонија. Пендаровски тврди дека Германија инсистира Македонија да направи поголеми отстапки од оние кои што досега ги има декларирано во спорот за името.

Донев: Потврда на пријателските односи

Со ваквиот став не се согласува професорот Јован Донев од институтот „Евробалкан“. Според него, станува збор за официјална посета која ќе ги зацврсти традиоционално пријателските односи на релација Берлин-Скопје. Донев не очекува поголема промена на германскиот став во однос на прашањето за името.

„Германската канцеларка Меркел е голем поборник за зачувување и јакнење на односите внатре во ЕУ. Така што, без оглед на тоа што Германија не‘ ословува со уставното име во билатералната комуникација, Берлин ќе опстои на заедничката надворешна политика на Унијата.“

Димитров: Дисциплинирање за враќање на вистинскиот пат

Поранешниот министер за надворешни работи Александар Димитров смета дека Меркел во Берлин, школски кажано, ќе го построи Груевски.

Die Mazedonische Botschaft in Berlin Deutschland

Во 2011 двете земји размениле стоки во вредност од милијарда и триста милиони евра

„Од денешната средба меѓу Меркел и Груевски очекувам во најмала рака разјаснување во Германија ,но и кај нивните сојзуници - САД и Франција, каде оди Македонија и премиерот Груевски во неговата посветеност за зачленување во НАТО. Очигледно е дека нешто не се движи онака како што стратешките интереси налагаат и тука за жал покрај Грција и Македонија станува блокирачки фактор. Така што, очекувам строго наменска средба за дисциплинирање на Груевски и враќање на Македонија на вистинскиот пат кон НАТО и ЕУ.“

Различни се и оценките на аналитичарите за интензитетот на македонско-германските односи. Додека Пендаровски смета дека отсуството на редовни средби меѓу Берлин и Скопје на високо ниво се должи на лошата надворешна политика на Македонија, Донев потсетува дека станува збор за две сестрински партии од десницата кои немаат проблем во комуникацијата.

Статистиката е многу поточна од впечатоците на аналитичарите. Економските односи меѓу Германија и Македонија се одлични и во нагорен тренд. Трговската размена расте од година во година. Во 2011 двете земји размениле стоки вредни вкупно милијарда и триста милиони евра, со дефицит на македонска страна. Значително помал од трговската размена е обемот на германски директни инвестиции. Како потврда на добрите односи и на политички план, во април 2008 во посета на Македонија беше тогашниот германски претседател Хорст Келер.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска